Куманово како „див запад“: Сообраќајниците носат и жртви

Сподели со своите пријатели

Кумановските улици деновиве наликуваат на вистински „див запад“. Тоа го потврдуваат и бројните сообраќајни незгоди во Куманово во кои две лица загинаа, а неколку се повредени.

Loading...

Брзото и агресивно возење кое е типично за летниот период, изминатите денови доживува вистинска ескалација. Особено откако голем број печалбари со скапи и брзи автомобили се вратија во родниот крај.

Освен кумановските таблички, дивеат и оние со швајцарски и австриски. Трки со мотори и автомобили по булеварот „Октомвриска револуција“ не изостануваат и годинава, а несовесно возење се забележува и низ центарот на градот.

Двајца загинати и низа повредени во сообраќајни незгоди во Куманово

Две возразни лица загинаа во две одделни сообраќајни несреќи. И двете жртви имаат над 80 години.

Во првиот случај од 3ти месецов, загина осумдесетгодишна жена пешак. Во неа удри возило „ауди“ управувано од 22-годишен кумановец. Незгодата се случила на крстосница од булеварот „Октомвриска револуција“ и улиците „Иво Лола Рибар“ и „Ѓорче Петров“.

Жената од здобиените повреди почина на скопските клиники, каде со тешки повреди заедно со неа бил пренесен и осумдесет и петгодишник, жртва на истата сообраќајка.

Три дена подоцна смртно страдаше и осумдесет и едногодишен велосипедист од кумановско Лопате. Во него удри товарно возило управувано од скопјанец. Велосипедистот бил пренесен на скопските клиники каде неколку часа по несреќата и починал.

Во три други сообрајаќни незгоди, тешко повредени се двајца мотоциклисти и еден малолетен пешак.

Loading...

Граѓаните реагираат дека нема доволно полиција

Граѓаните реагираат дека по сообраќајниците има се помалку полициски службеници за да ги заштитат од дивеење на несовесните возачи.

Велат дека трките и брзото возење се особено забележливи во вечерните и доцните ноќни часови.

– Навиканти сме дека вакво нешто секое лето се случува на булеварот и тука нема изненадувања, но пред неколку дена бев шокирана од она што го видов во центарот на градот. Беше доцна околу еден или два часот по полноќ, кога за само 10 минути низ централното градско подрачје сведочев на најмалку пет дивеења. Дрифтање и брзо возење, а полиција немаше никаде, вели еден од нашите читатели кој се јави со своја реакција.

Од полицијата велат дека преземаат мерки

Од Секторот за внатрешни работи Куманово за Кумановски Муабети велат дека постојано се на терен и работат на сузбивање на ваквите појави.

– СВР Куманово континуирано презема мерки и спроведува зајакнати акциски контроли за санкционирање на возила и возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, велат од кумановската полиција.

Оттаму додаваат дека покрај дневните контроли, се врши и ноќно снимање со т.н. „ноќен радар“ за санкционирање на оние кои возат пребрзо.

– Меѓу другото, полициските службеници се распоредени на терен и согласно своите законски надлежности преземаат соодветни мерки доколку се случи сообраќаен метеж, стои во одговорот.

Од кумановската полиција посочуваат дека заклучно првите девет дена казниле 285 возачи кои возеле со брзина над дозволената.

Loading...

Биле извршени и контроли за возење под дејство на алкохол, а од 213 алкотестирани возачи, санкционирани биле 16 кои возеле пијани.

СВР Куманово потсетува дека засилените контроли продолжуваат.

– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот, стои во соопштението.

За возење под дејство на алкохол ќе се лежи и затвор

Во обид да се намали сообраќајното дивеење, Министерството за правда предлага законски измени. Со нив ќе се воведе член 403 „Безобѕирно управување со моторно возило“.

Тоа ќе се третира како кривично дело и ќе предвидува парични или казна затвор до максимум три години.

Кривичното дело ќе важи за оние кои ќе седнат зад воланот со најмалку 1,5 промили алкохол во крвта. Нема да бидат изоставени и возачите кои ќе возат под дејство на дрога и психотропни супстанци. Како и возење во забранета насока, претекување колона на непрегледно место, но и возење со над 70 километри на час повеќе од дозволеното.

Во текот на изминатата година во сообраќајни незгоди низ улиците во Куманово загинале шест лица. Ако се спореди со 2020 година, тоа е намалување за 25 отсто.

Никола Ивановски

Loading...