Влада: Достоинствени плати и подобар стандард, во услови на криза просечната нето плата се зголемува

Сподели со своите пријатели

Владата на Република Северна Македонија продолжува со заложбите за економска стабилност и во услови на пандемија, со мерки за ублажување на ефектите од пандемијата и планирања за економски раст на среден и долг рок.  Целта, како што велат од Владата, е креирање на предвидлив деловен амбиент, стабилен раст, достоинствени плати, нови работни места и намалување на невработеноста.

Loading...

Оттаму, повикувајќи се на денешните податоци на Државниот завод за статистика, потсетуваат дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во октомври 2020 година изнесува 27.899 денари и е повисока за 8,4 отсто или за 2.173 денари во однос на истиот месец лани. Дополнително, споредено со месец септември таа е повисока за 1,8 отсто или за 494 денари.

-Во консултација со сите релевантни чинители во општеството, синдикати, комори, организации на работодавачи, креираме амбиент за раст на просечната и на минимална плата во следните четири години. Владата е посветена на реализација на стапките на економски раст од 4-5 отсто и покачување на платите за 20 до 30 проценти односно до 34 илјади денари во следните четири години со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата, се вели во денешното соопштение од Владата.

Согласно Државниот завод за статистика, зголемувањето на просечната нето плата, се должи, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите здравствената и социјалната заштита, потоа уметност, забава и рекреација и преработувачка индустрија.

Согласно податоците на ДЗС, просечната бруто-плата, е за 9 проценти повисока од октомври минатата година, а за 2 проценти повисока од септември годинава. Просечната бруто плата изнесува 40.344 денари.

Славица Стефановска

Leave a Reply