Земјотрес оштетил ѕид на Пионерскиот дом, па тој никако да стане градинка

Сподели со своите пријатели

Повеќе од половина година Пионерскиот дом во Куманово никако да стане детска градинка. Првично како датум кога овој објект требаше да прими 85 дечиња бше 20 септември, но роковите беа пробиени.

Градежните активности започнаа на 4. август 2017 година, кога министерката за труд и социјална политика Мила Царовска го посети Куманово и со дваесетина локални функционери го промовираше проектот вреден 3,5 милиони денари. Царовска втората половина на септември 2017 година го означи како датум кога треба да завршат градежните активности, но работата запре. Никој ниту нешто кажуваше, ниту пак јавноста прашуваше до каде е постапката.

Loading...

Новинарите го актуелизираа прашањето на 22. ноември минатата година, кога директорката на Детската градинка „Ангел Шајче“ Марина Алексовска, посочи дека е направен технички прием и останува да се завршат одредени работи на затоплувањето на просториите, кое, по одговорот кој што го добивме од МТСП, очигледно се уште не е решено. Но, помина и тој датум, а Пионерскиот дом никако да стане градинка.

 

 

Во меѓувреме Министерството за труд и социјална политика распиша тендер за втора фаза од проектот за реконструкција на Пионерскиот дом кој предвидуваше санација и преадаптација и на вториот кат. За таа цел компаниите изведувачи имаа рок до 22 јунари годинава да достават понуди за тендерот вреден 6,6 милиони денари.

 

 

Скоро два месеци подоцна градинка се уште нема. Одговор побаравме од ресорното министерство и по скоро недела дена од таму ни одговорија дека објектот е адаптиран и реновиран, а градежно-занаетчиските работи се завршени целосно, но работата ја кочи оштетен ѕид од страна на некој земјотрес.

– Како последица од земјотрес, беше напукнат еден ѕид на „Пионерскиот дом“, за кој ИЗИС  (Институт за земјотресно инжинерство и инжинерска сеизмологија) достави извештај со забелешки кои треба да се отстранат пред да се пушти објектот во употреба, за да се зачува безбедноста на децата згрижени во објектот. Во консултација со ИЗИС, почнати се активности за санирање на попуштениот ѕид, за поставување на парно греење (кое не беше решено) и поставување на кров на објектот. Од страна на изведувачот, планирани се овие активности  да завршат во рок од 40 дена, од почнатите изведувања неделава, стои во одговорот од МТСП.

Министерката за туд и социјална политика Мила Царовска и функционерите при отпочнување на проектот

 

Loading...

За кој земјотрес станува збор не знаеме, но како што додаваат од Министерството за труд и социјална политика, по завршување на овие активности, ќе се почне постапка за донесување на Решение за почнување со работа и вршење на дејноста, од страна на министерот за труд и социјална политика, за објектот сместен во поранешниот „Пионерски дом“ во Куманово.

 

 

Инаку, Куманово детска градинка нема добиено од осамостојувањето на државата, па стотици дечиња се на листите на чекање да бидат запишани во згрижувачките установи за воспитување.

ФОТО: Архива

Leave a Reply