Столтенберг: Помош за Украина со системи за противвоздушна одбрана

Сподели со своите пријатели

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Букурешт, пред конференцијата на министрите за надворешни работи на Алијансата, истакна дека НАТО има намера да ѝ помогне на Украина во реконструкцијата на уништената критична инфраструктура, но и во одбраната од ракетни напади преку испорака на системи за противвоздушна одбрана, како и потребните делови.

Loading...

„Тешко е да се види штетата предизвикана од ракетните напади врз украинските градови, како тие ја уништуваат критичната инфраструктура, и затоа нашата порака од овој собир во Букурешт ќе биде дека мора да направиме повеќе за поддршка на Украина – повеќе за да помогнеме во обновата на инфраструктура, но и во испораката на одбранбени системи од ракетни напади“, нагласи Столтенберг по пристигнувањето во романскиот парламент, каде што се одржува конференцијата на дипломатите на НАТО.

Столтенберг подвлече дека е важно украинската армија да може да ги користи одбранбените системи што ги добива, па затоа е важно да испорачува се повеќе делови и муниција.

„Не се работи само за складирање оружје, туку за тоа да може да се користи за соборување руски ракети. Можеме да очекуваме дополнителни напади, бидејќи Путин доживува неуспех на бојното поле. Повлекувањето на руските сили е знак на слабост, тоа покажува дека губат, но одговараат со напади врз градови и цивилна инфраструктура“, рече Столтенберг.

Тој посочи дека Русија сака да ги зголеми страдањата и степенот на бруталност, што, според него, не е забележано од Втората светска војна.

Тој рече дека НАТО гледа дека Русија и снемува муниција, дека почнала да бара оружје и муниција и тоа го побара од Иран.

„Ниту една земја не треба да ја поддржува илегалната војна на Русија. Никој, па дури ни Иран, не треба да ги снабдува со проектили или нешто друго“, објасни Столтенберг.

Тој рече дека очекува министрите за надворешни работи на конференцијата да го повторат ставот дека НАТО е отворен за нови членки.

Loading...

Оваа отвореност, рече тој, ја докажа НАТО со прифаќањето на Северна Македонија и Црна Гора, како и неговата подготвеност да ги прифати Финска и Шведска.

Тој рече дека бара од сојузниците да го анализираат можното членство на Украина во НАТО, но додаде дека сега фокусот треба да биде ставен на пружањето помош и дека не треба да се направи ништо што би го загрозило единството на Алијансата.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.