Песков: Путин не се закануваше со нуклеарно оружје, медиумите ги извадија зборовите од контекст

Сподели со своите пријатели

Кремљ во четвртокот рече дека коментарите за нуклеарното оружје дадени од рускиот претседател Владимир Путин во интервју за државните медиуми не претставуваат закана за негово користење и ги обвини САД дека намерно ги извадиле забелешките од контекст.

Loading...

Путин во интервју објавено во средата рече дека Русија е технички подготвена за нуклеарна војна и дека ако САД испратат војници во Украина, тоа ќе се смета за значителна ескалација на конфликтот.

Коментирајќи ги зборовите на Путин, портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, им изјави на новинарите дека Вашингтон разбира оти рускиот лидер ја повторува нуклеарната доктрина на Москва, но ја обвини Русија дека користи „непромислена и неодговорна“ нуклеарна реторика за време на конфликтот со Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во четвртокот изјави дека Путин само одговара на новинарски прашања на оваа тема и ги повторил веќе добро познатите околности во кои Русија теоретски ќе биде принудена да користи нуклеарно оружје, пренесува Ројтерс.

Песков, исто така, го привлече вниманието на фактот дека Путин во истото интервју рече дека идејата за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина никогаш не му паднала на ум.

Запрашан за коментарите на Белата куќа, Песков рече: „Ова беше намерно вадење на нешто надвор од контекст. Путин во ова интервју не се закани дека ќе употреби нуклеарно оружје. Претседателот зборуваше само за причините зошто употребата на нуклеарно оружје може да биде неизбежна“.

„Тоа се причините наведени во нашите релевантни документи, кои се познати во целиот свет. Згора на тоа, сите на Запад намерно ги игнорираа неговите зборови кога рече дека не му паѓа на памет да користи тактичко нуклеарно оружје (во Украина), и покрај различните ситуации што се создадоа за време на борбите. Ова е намерно искривување на контекстот и неподготвеност да се слуша претседателот Путин.“

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.

Loading...