Експлозиите на Крим резултат на саботажа

Сподели со своите пријатели

Воениот магацин во Џанкој на Крим е оштетен во експлозии како последица на саботажа, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

Loading...

Утрово како резултат на саботажа оштетен е воен магацин кај Џанкој, соопшти Министерството за одбрана на Русија, пренесува ТАСС.

Во соопштението се наведува и дека во експлозиите се оштетени бројни цивилни објекти, меѓу кои далноводи, електрана, железнички пруги и неколку станбени згради.

„Никој не е сериозно повреден. Се преземаат неопходни мерки за отстранување на последиците“, додаваат од Министерството за одбрана, пренесе ТАСС.

Денеска експлодираше складиште за муниција на Крим, а во таа прилика две лица се повредени, а дошло и до прекин во железничкиот сообраќај, изјави највисокиот руски функционер Сергеј Аксјонов.

Снимките од руската државна телевизија покажуваат како гори електрична трафостаница во близина на градот Џанкој на Крим и серија повторени големи експлозии за кои властите велат дека биле предизвикани од детонација на муниција во воена база, пренесува Ројтерс.

Аксјонов објави дека околу 2.000 жители биле евакуирани од најблиското село Мајско надвор од периметарот од пет километри.

Русија го користи Крим за снабдување со воена опрема на своите војници кои се борат во Украина, а штетата што е пријавена денеска на железничката мрежа по експлозиите може да го наруши тој процес, наведува Ројтерс.

Loading...

Руската новинска агенција РИА јави дека доцнат седум патнички возови и дека железничкиот сообраќај е во прекин на дел од железничката линија на северот на Крим.

Советникот на украинскиот претседател Михаил Подољак денеска на Твитер објави дека утрото кај Џанкој започнало со експлозии, но не ја потврди вмешаноста на Киев во инцидентот.

Инцидентот уследи по серијата експлозии минатата недела во руската воздушна база на Крим, за кои украинските власти рекоа дека биле дел од некаква специјална операција и кои Москва ги отфрли како несреќа, според Ројтерс.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.