И денеска претпладне услови за дожд и грмежи

Сподели со своите пријатели

Претпладне променливо облачно, во јужните делови нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Во текот на денот облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен северен ветер. Максимална температура од 22 до 29 степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Куманово и околината денеска ќе имаме сончево до умерено облачно време без услови за врнежи од дожд. Но, ќе дува засилен северен, односно северозападен ветер, а максималната дневна температура ќе се искачи до 22 степени целзиусови.

Утре и во сабота времето ќе биде стабилно со благ пораст на дневната температура. Преодно наоблачување со слаб дожд, но со засилен северен ветер и благ пад на дневната температура ќе има во недела.

Вчера во вечерните часови беше нестабилно со локален пороен дожд и грмежи во западните делови од земјава, од Охридско-Преспанскиот регион, преку Демир Хисар-Македонски Брод, кон Кичево. Подоцна од нестабилност беше зафатена Скопската котлина, а поинтензивни процеси имаше во нејзиниот источен дел0.

Од нестабилност во форма на посилно невреме околу 22 часот беа зафатени Велес и Свети Николе, а потоа оваа маса се преместуваше кон Кумановско-Липковскиот регион и во доцните ноќни часови кон североисточниот дел од земјава. Кон раните утрински часови нестабилно беше во источните делови, а утрово локален пороен дожд со грмежи имаше околу Радовиш и Валандово.

Во поголем дел од земјава е облачно, поведро е во крајните западни делови, а започна да дува засилен северен ветер.