Завршија ископувањата во Старо Нагоричане, археолозите со интересни откритија

Сподели со своите пријатели

Докази за развиена аристократија на подрачјето на Младо Нагоричане, како и локација за извршување ритуали и почитување на култови поврзани со долгата регионална традиција се само дел од она што археолозите од Националната установа Музеј Куманово го имаат откриено со истражувањата на локалитетот Градиште.

Loading...

Ископувањата, како што појаснува раководителот на истражувањата Дејан Ѓорѓиевски, се изведени на два сектора, Средна и Долна тераса.

– На секторот Средна тераса се работеше во две сонди, кои ја потврдија стратешката улога која овој дел од локалитетот ја имал. Имено, констатирани се повеќе фази од ѕидање на внатрешниот бедем (утврдување), кој имал за цел да ја заштити Акрополата на населбата и од внатрешната страна, вели Ѓорѓиевски.

Ваков елемент на утврдување, појаснува тој, е откриен и во Кнежје (претпоставена Билазора), Глоска Чука (Валандово) и Вардарски Рид (Гевгелија), што само по себе, зборува за постоење на развиена аристократија која владеела со останатите жители на утврдувањето, и тоа во подолг временски период.

– Резултатите кои ги добивме со истражувањето на овој сектор се значајни поради социјалниот и економски сегмент кој ни го даваат, што зборува за класно диференцирање и постоење на благороднички статус уште во 4-3 в. пр. н.е., вели Ѓорѓиевски.

На секторот Долна тераса, археолозите дошле до откритија кои зборуваат дека овој, краен дел од населбата, кој претежно е карпест, можеби се користел за исполнување на некои ритуали и почитување на култови поврзани со долгата регионална традиција на дивинизирање на карпата како божество.

– Откриени се повеќе јами и кружни конструкции, покрај кои биле оставани дарови од различен тип. Вакви ритуали се контстатирани и на Кокино и Пелинце, но нивното практицирање престанало скоро 1000 г. пред да се повтори на овој локалитет. Самите наоди, покрај регионалното производство, зборуваат и за силните конекции кои локалитетот ги имал со античкото кралство Македонија, кои, пред се, се гледаат преку накитот и импортираните садови, кои датираат од 4-3 в. пр.н.е., вели тој.

Локалитетот сам по себе, додава Ѓорѓиевски, продолжува да изненадува со својата развиеност и целосна интегрираност во цивилизациските текови на Медитеранот, поврзани со силниот цивилизациски импулс предизвикан од освојувањата на Александар Македонски и неговите наследници.

Loading...

Ископувањата се целосно финансирани од Министерството за култура.

Никола Ивановски

Leave a Reply