Водата носи илјадници мини низ Украина, збришани населби и земјоделски површини

Сподели со своите пријатели

Луѓето кои живеат по долниот тек на реката Днепар во Украина се обидуваат да се справат со непосредните последици од уривањето на браната Каховка бегајќи од погодената област со она што успеале да го спасат од поплавата, но поширокото влијание на катастрофата може да се почувствува за генерации.

Loading...

Низводно, надојдените води донекаде ќе се повлечат кога бранот ќе стигне до Црното Море, но многу села и градови долж реката Днепар веројатно нема да бидат повторно погодни за живеење доколку не се изгради нова брана, пишува британски „Гардијан“.

Поплавите од вода и кал за миг го променија пејзажот, а од картата исчезнаа цели населби, бројни острови и мочуришта.

Украина тврди дека како последица на поплавите, стотици илјади луѓе ќе останат без пристап до вода за пиење, што го зголемува ризикот од ширење на болести, десетици илјади хектари земјоделско земјиште ќе станат мочуришта, а најмалку 500.000 хектари лишени од наводнување ќе се претворат во „пустини“.

Експертите проценуваат дека може да бидат потребни години, ако не и децении за да се опорави фауната и флората.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече „најголемата еколошка катастрофа предизвикана од човекот во Европа во последните неколку децении“.

Украинскиот заменик-министер за надворешни работи Андриј Мелњук изјави дека рушењето на браната Каховка е „најлошата еколошка катастрофа во Европа од Чернобил“.

Со резервоар од 18 милијарди кубни метри, Нова Каховка беше една од браните со најголем капацитет во светот, изјави за Гардијан Мохамад Хајдарзадех, виш предавач на Катедрата за архитектура и градежништво на британскиот универзитет Бат.

Loading...

Резервоарот Нова Каховка бил 90 пати поголем од акумулацијата на најголемата брана во Британија.

„Јасно е дека уривањето на оваа брана дефинитивно ќе има далекусежни негативни последици не само за Украина, туку и за соседните земји и регионот“, рече Хајдарзадех.

Ќе бидат уништени животни, цели видови. Катастрофата ќе ја промени климата во целиот регион. Украинското земјоделско земјиште најверојатно ќе биде уништено. Местата од кои водата се повлекува ќе станат пустини, а местата каде што останува вода ќе станат мочуришта

Пороите минуваат низ центарот на воената зона и заедно со отпадот носат илјадници мини.

Бреговите на Днепар се на линијата на фронтот од ноември минатата година, кога украинските сили ги турнаа Русите преку реката до јужниот брег.

Двете страни поставија илјадници мини кои водата сега случајно ги носи во градовите, селата и земјоделските површини низводно.

Тоа значи дека цивилите би можеле да бидат убиени од мини километри далеку од воената зона, па дури и години по завршувањето на војната.

Пороите носат и големо количество хемикалии и нафта од хидроцентралата и околните објекти, пишува порталот „Политико“.

Loading...

Во своето обраќање рано во средата, Зеленски го нарече нападот на браната „екоцид“, велејќи:

„Нафтена дамка од најмалку 150 тони е формирана и реката ја носи во Црното Море. Сè уште не можеме да предвидиме колку хемикалии, вештачки ѓубрива и нафтени продукти што беа складирани во поплавеното подрачје ќе завршат во реките и морето“.

Според Олекси Пасјук, активист на групата Bankwatch за заштита на животната средина, „привременото влијание“ на поплавата може да трае и до една недела.

„Меѓутоа, подоцна ќе се појават пошироки последици поради недостигот на вода, бидејќи акумулацијата Каховка е извор на вода за водоводите јужно од Херсон“, додаде тој.

„Можеме да очекуваме значителни проблеми за земјоделството и локалното население.“

Јулија Маркел, координаторката на најголемата украинска невладина организација за заштита на животната средина, пукањето на браната го нарече „катастрофа“.

„Животот, цели видови ќе бидат уништени“, рече таа.

„Тоа ќе ја промени климата во целиот регион. Украинското земјоделско земјиште најверојатно ќе биде уништено. Местата од кои се повлекува водата ќе станат пустини, а местата каде што останува вода ќе станат мочуришта“.

Loading...

Испуштањето на акумулацијата ќе има драматични последици и за Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година и се потпираше на акумулацијата Нова Каховка за вода.

Резервоарите на Крим беа надополнети во последните месеци, така што нема веднаш да има криза, но во текот на следната година, недостигот на вода може многу да го отежне одржувањето на цивилното население и војската.

„Тоа ќе биде социо-економска катастрофа. Земјоделците нема да можат да одгледуваат култури“, рече Вим Цвијненбург од холандската невладина организација PAX и соработник на истражувачката мрежа Белингкет.

„Украина веќе ја блокираше реката кон Крим пред конфликтот со цел да го спречи протокот на вода, што доведе до одредено опустошување на земјата. Тешко е да се предвиди нешто – најголем дел од последиците ќе се почувствуваат во следните две до три години“.

Катастрофата во Нова Каховка се случи во пресрет на долгоочекуваната контраофанзива на украинските сили, која се смета за следната голема фаза во војната.

Двете страни меѓусебно се обвинуваат за континуираното гранатирање на поплавената зона, објави Ројтерс.

Loading...

Киев во средата објави дека украинските трупи на исток напреднале повеќе од еден километар во близина на разурнатиот град Бахмут, што е најексплицитна најава за напредување откако Русија на почетокот на неделава објави дека украинската офанзива започнала. Русија тврди дека го одбила нападот.

Олексеј Данилов, секретар на Украинскиот Совет за национална безбедност, изјави дека нападите сѐ уште се локализирани и дека сѐ уште не е започната целосна офанзива.

„Кога ќе почнеме, сите ќе знаат за тоа, ќе видат“, изјави тој за Ројтерс.

Киев пред неколку месеци објави дека руските сили ја минирале браната Каховка, која е под нивна контрола од почетокот на инвазијата и тврди дека Москва ја уништила за да се обиде да ги спречи украинските сили да го преминат Днепар во контраофанзива.

Рускиот претседател Владимир Путин синоќа ја обвини Украина дека ја уништила браната Каховка на предлог на Западот во, како што рече, „варварско“ воено злосторство што го ескалирало конфликтот со Москва.

Loading...

„Путин објави дека властите во Киев, на предлог на нивните западни куратори, се уште се обидуваат да ги ескалираат непријателствата, вршат воени злосторства, отворено користат терористички методи и организираат саботажа на руска територија“, објави Кремљ.

„Очигледен пример за тоа е варварскиот процес на уништување на хидроцентралата Каховка во регионот Херсон, што доведе до голема еколошка и хуманитарна катастрофа“, рече Путин.

Жителите на зоната на поплави во јужна Украина, плодна, мочурлива област која се протега до устието на реката Днепар во Црното Море, ги обвинуваат руските војници кои ја контролирале од нивните позиции на спротивниот брег за пукањето на браната.

„Тие не мразат“, изјави за Ројтерс Олександар Рева од село на брегот, кој ги преместувал работите на своето семејство во напуштената куќа на соседот на рид.

„Тие сакаат да го уништат украинскиот народ и самата Украина. И не им е гајле со какви средства, бидејќи ништо не им е свето.“

Loading...

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.