Температурите на океаните околу Јужна Флорида го достигнаа нивото на топла када

Сподели со своите пријатели

Температурата на површината на океанот околу Флорида Кис оваа недела се искачи на 38,44 степени целзиусови, односно достигна ниво на топла када, додека нормалната температура на водата за областа за овој период од годината треба да биде помеѓу 23 и 31 степен, објави Националната управа за океани и атмосфера (НОАА).

Loading...

Зголемената фреквенција и интензитетот на тешките временски услови – и на копно и во океаните – се симптоматични за глобалните климатски промени водени од човекот.

Нема детални записи за промени во температурата на површината на океаните, но студијата од 2020 година наведува дека највисоката температура забележана дотогаш била во Персискиот залив со 37,61 степени целзиусови.

„Водите во заливот се многу жешки“

Јужниот брег на Флорида се бори со екстремен топлотен бран кој го загрозува морскиот живот и океанските екосистеми.

„Не очекувавме дека затоплувањето ќе дојде толку рано во годината и ќе биде толку екстремно. Се чини дека е преседан“, изјави Дерек Манзело од NOAA за CNN минатата недела.

Топлотните бранови сè повеќе ги погодуваат светските океани, уништувајќи ги алгите, морската трева, коралите и другите екосистеми како огромен шумски пожар што се случува во морето.

Студијата од 2019 година покажа дека бројот на денови со топлотни бранови на океаните е тројно зголемен во последните години.

Експертите велат дека таканаречената топлинска купола во 2021 година убила повеќе од милијарда морски животни долж канадскиот дел на Тихиот Океан.

Loading...

Капетанот на рибарскиот брод Дастин Хансел, кој лови риба во Ки Ларго, вчера изјави дека уловот во последните пет години е се полош и полош и дека забележува се повеќе угинати риби во тој крај.

„Што се однесува до водите во заливот, сите води во близина на брегот, тие се многу жешки. Исклучително жешки“, рекол Хансел, а пренесува The Guardian.

„Ова може да биде смртоносно“

Светската метеоролошка организација предупреди дека температурите на морето како оние во Јужна Флорида може да бидат смртоносни за морскиот живот и да ги загрозат океанските екосистеми и да влијаат на залихите на храна и егзистенција на луѓето.

NOAA предупреди претходно овој месец дека потоплата вода околу Флорида може да ги поттикне тропските бури и урагани, кои генерираат повеќе енергија над топлите води.

Високите температури околу Флорида Кис ги загрозуваат и коралните гребени.

Научниците забележале белење, па дури и смрт на некои од најтврдите корали на Кис, рече Иан Енохс, менаџер на програмата за корали на NOAA. „Нервозен сум за тоа колку рано се случува ова“, рече тој.

Сè уште не е познато дали температурите забележани на Флорида ќе се сметаат за светски рекорд бидејќи тоа е плитка област со многу морска трева која може да биде зафатена од високите температури на почвата во блискиот национален парк Еверглејдс, изјави тропскиот метеоролог Брајан Мекнолди од Универзитетот во Мајами.