Стојанка од Челопек е сѐ уште исчезната, истрагата е во тек, а Ангелов се надева дека е жива

Сподели со своите пријатели

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, денеска вели дека нема одговор каде е Стојанка од Челопек, која се сметаше дека е прва жртва на пожарите во државата, но чие тело сѐ уште не е пронајдено и шест дена откако избувна огнот во селото.

Loading...

– Немаме одговор дали жената е побегната, и каде се наоѓа. Ќе почекаме истрагата да го каже последниот збор, таа е единствена потенцијална жртва засега. Изразуваме сочувство до семејството за жената доколку е почината. Одвнатре се надеваме дека е жива и дека благовремено успеала да побегне од огнената стихија, рече Ангелов денеска.

Пред само пет дена Ангелов рече дека тоа што се случило во кумановско Челопек е страшно, и упати сочуство до дедо Борис, вонбрачниот сопруг на 60-годишната Стојанка.

Од МВР за Кумановски Муабети велат дека истрагата е во тек, а лицето се води како исчезнато, а повеќе детали не упатија да побараме од Основното јавно обвинителство.

– Во врска со вашите прашања упатени до Одделот за односи со јавноста и стратешки прашања на МВР околу случајот со исчезнатата жена од село Челопек, кумановско, ве известуваме дека согласно Законот за кривична постапка, а со оглед дека станува збор за истражна постапка што е во тек, единствен надлежен за одговори на вашите прашања е Јавното обвинителство, во конкретниот случај ОЈО Куманово, по чии насоки постапува МВР. Воедно ве информираме дека, бидејќи при увидот не беа пронајдени траги или докази кои укажуваат на опожарено лице, по насока на Јавен обвинител распишана е потрага по лицето по која  веќе се постапува од страна на Отсекот за потраги при МВР, стои во одговорот.

Сличен став до нашата редакција пристигна и од Основното јавно обвинителство, од каде велат дека едно лице било приведено како осомничено, но дека сѐ уште нема доволно докази дека го подметнало пожарот.

– Јавниот обвинител во предметот за кој покажувате интерес постапува во рамките на предистражна постапка. Во остатоците од опожарената куќа до овој момент не е пронајдено тело на починато лице. Во моментов се преземаат други дејствија за да се утврдат фактите. По настанувањето на пожарот беше приведено едно лице, но се уште нема докази доволни за да поткрепат основано сомнение дека тоа лице е одговорно за настанување на пожарот, стои во одговорот на ОЈО на нашите прашања.

Никола Ивановски

Loading...