Соколана повторно ќе блесне, започна уредувањето на комплексот (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Спортскиот комплекс Соколана наскоро ќе блесне во реконструирано руво.

Loading...

По долгогодишни обиди Општина Куманово успеа да го врати овој спортски комплекс под владение благодарејќи на новиот менаџерски тим во Агенцијата за стопанисување со спортски објекти.

– Следува детално чистење на дворот на објектот од страна на ЈП „Чистота и зеленило“, отстранување на оградата, поправка и обезбедување на реквизитите и воведување на чуварска служба. Во тек е изготвување на проект за реконструкција на комплексот од страна на ЈП „Куманово план” со предмер, пресметка и обезбедување на финансии за реконструкција, напиша на фејсбук градоначалникот Максим Димитриевски.

Како што посочи тој општината има намера да го врати сјајот на Соколана.

Инаку Соколана важи за „храм на спортот“ во Куманово, место каде се одржувале врвни спортски настани, пред се во кошарката и атлетиката, каде во поранешна Југославија кумановските спортисти биле најдобри.

Пред неколку години објектот беше даден под концесија на приватна фирма која таму отвори угостителски објекти, но не го одржуваше комплексот, ниту пак спортските терени кои таму се наоѓаат, а општината не можеше да интервенира.

Градоначалникот Димитриевски и во својата предизборна кампања вети дека објектот ќе го врати на граѓаните и ќе го уреди. Според неофицијални информации планот е Соколана да стане Музеј на спортот во Куманово, но дополнително ќе се бара начин како да се финансира таквиот проект.

Инаку, изградбата на Соколскиот дом, како што порано се викал овој објект, во Куманово започнала со полагање на камен -темелникот на 28. VI.1923, и со повремени прекини, траела до крајот на 1930 година, при што се потрошени околу 1,200.000 тогашни динари.

Loading...

Најголемиот дел од средствата биле од доброволните прилози на населението и од приходите од сопствените активности. Од надлежните министерства и Дворот на кралот добиена е помош од 40.000, од Општината 30.000 и Скопската жупа 7.000, а земен е и заем 150.000 динари од Народната хипотекарна банка, кој не бил исплатен до 1941 година.

Со голем труд и упорност на управите на Соколското друштво, Куманово се здобило со голем, монументален Соколски дом кој подоцна бил центарот на сите спортски активности во поранешна Југославија.

Leave a Reply