Скелет од горгосаурус излегува на аукција, би можел да достигне цена од 8 милиони долари

Сподели со своите пријатели

Скелет од диносаурус горгосаурус за прв пат ќе биде ставен на аукција и се очекува да достигне цена меѓу пет и осум милиони американски долари, објави во вторникот Сотби.

Loading...

Аукциската куќа на 28 јули ќе го стави на продажба скелетот на диносаурусот висок три метри и долг 6,70 метри. Сотби наведува дека е еден од највредните диносауруси што некогаш се појавиле на пазарот.

Горгосаурус бил пожесток од Т-Рекс

Горгосаурус талкал по земјата пред приближно 77 милиони години. Возрасен мажјак тежел околу два тона и бил малку помал од неговиот попознат роднина Tyrannosaurus rex.

Палеонтолозите велат дека бил пожесток и побрз од Т-Рекс, со посилен залак од околу 42.000 њутни, во споредба со 35.000. Скелетот е откриен во формацијата на реката Џудит во близина на Авр, Монтана во 2018 година.

Ова е прв пат Sotheby’s да стави цел скелет од диносаурус на аукција откако го продаде T-Rex Sue во 1997 година за 8,36 милиони долари.

„Сите други примероци на горгосаурус што се пронајдени се во музеи“, изјави за AFP Касандра Хатон, шеф на науката и популарната култура на Сотби.

„Ова е единственото што всушност можете да го купите, така што е возбудливо време, и за приватни колекционери и за институции“, додаде таа.

За разлика од другите земји, САД не ја ограничуваат продажбата или извозот на фосили, што значи дека скелетот може да заврши во странство.

Loading...