Шолц: Војната во Украина ја става Германија на тест, заедништвото е нашиот најголем адут

Сподели со своите пријатели

Германскиот канцелар Олаф Шолц во својата новогодишна порака рече дека војната во Украина е пресвртница што ја става Германија на тест и најави нови пакети мерки за борба против кризата кои ќе стапат на сила на 1 јануари.

Loading...

„Путин води империјалистичка агресивна војна во срцето на Европа. „Оваа пресвртница не става на тест нас и нашата земја“, рече Шолц.

Тој додаде дека „таму се кријат и добри вести“: руската армија не ја прегази Украина за неколку дена, како што планира Путин, ЕУ и НАТО се обединети, а Германија не подлегна на уцените со рускиот гас, пишува Дојче веле.

„Ние сочувствуваме со Украинците кои и во денови како денешниот не можат да се одморат од руските бомби и ракети. А последиците од војната сите ги чувствуваме во секојдневниот живот, кога купуваме во супермаркет, на бензинска пумпа или плаќаме сметка за струја или бензин“, вели Шолц.

Тој им се заблагодари на сите кои помагаат во приемот и грижата за воените бегалци, додавајќи дека 29 милиони луѓе доброволно и хуманитарно се вклучуваат во различни организации.

Тој, исто така, ги пофали оние што работат во Германија на енергетската транзиција и заштитата на климата.

„Ова е земја во која не оставаме никого зад себе – без разлика дали е во град или на село, без разлика дали се стари или млади, дали се богати или помалку богати, без разлика дали се оние кои се родени овде или се преселиле овде подоцна“, рече Шолц.

Социјалдемократскиот канцелар потсети на новите пакети мерки за борба против кризата што ќе стапат на сила во Германија од утре, 1 јануари: надоместок за кирии за лица со ниски примања, зголемување на детскиот додаток и намалување на даноците за вкупно 19 милијарди евра, субвенционирани цени за струја, парно и гас.

Loading...

„Почитувани сограѓани, нашето заедништво е нашето најголемо богатство. Затоа на почетокот на оваа Нова година ни посакувам едно: Да останеме верни на патот што го започнавме минатата година! Ајде да продолжиме храбро!“, заклучи Шолц.

Новогодишниот говор на канцеларот традиционално во целост се емитува на јавната телевизија на последниот ден од секоја година.