Романија инвестира рекордни 10 милијарди евра во вооружување

Сподели со своите пријатели

Парламентот во Букурешт одобри проект за модернизација на вооружените сили на Романија вреден повеќе од 10 милијарди евра, а програмата предвидува набавка на системи за противвоздушна одбрана, оклопни возила, тенкови Абрамс, самоодни хаубици и оружје за борбени авиони Ф-16.

Loading...

„Романија неодамна ја модернизираше својата противвоздушна одбрана со купувањето на системот Патриот со долг дострел и сега планира да купи 41 ракетен систем за противвоздушна одбрана со краток и многу краток дострел во вредност од 4,2 милијарди долари.

Првата фаза започнува оваа година и 2,1 милијарди ќе бидат инвестирани во следните осум години“, пишува порталот Balkan Security Network.

Значајна инвестиција е планирана за набавка на борбени возила на пешадија, а за овие потреби ќе се потрошат три милијарди евра за 298 возила.

Во првата фаза, која ќе трае во наредните девет години, планирано е да се купат 246 возила за 2,5 милијарди евра.

„Минатата година во Романија беше отворен погон за производство на Пиран 5, заеднички проект на локални компании и американската General Dynamics. Со Јужна Кореја беше потпишан меморандум за разбирање за набавка на пешадиски борбени возила AS21 Redback. Сега и официјално е потврдена набавката на баталјон од 54 тенкови Абрамс М1А2 од САД. Во моментов најголемиот дел од романскиот тенковски арсенал го сочинуваат модели од ерата на Студената војна или нивната модернизација“, се додава во текстот.

Порталот додава дека новина е и одлуката за набавка на самоодни хаубици од калибар 155 милиметри, што е стандарден калибар на НАТО за самоодна артилерија.

„Пет баталјони во копнената армија ќе бидат опремени со самоодни оружја, а цената, вклучувајќи ги логистиката и другите трошоци, е две милијарди евра. Можен избор ќе бидат јужнокорејските хаубици К2, со чиј производител Романија потпиша меморандум за разбирање“, се наведува во текстот и се додава дека самоодната артилерија во моментов е еден од најзастарените делови на романската армија.

Loading...

Сериозна инвестиција е планирана и за опремување на повеќенаменскиот борбен авион Ф-16.

„Романија ќе склучи привремен договор за набавка на 186 ракети воздух-воздух со среден дострел по цена од 372 милиони долари или два милиони по проектил. Според истиот модел ќе се набават и 299 ракети воздух-воздух со краток дострел, исто така за авионите Ф-16, по цена од 239 милиони долари“, се вели во текстот.

Романија има 17 авиони Ф-16, кои се купени половни од Португалија и се модернизирани.

На крајот на 2022 година е потпишан договор за набавка на уште 32 половни авиони од Норвешка, со тоа што се работи за модели Ф-16 АМ/БМ, кои се и повеќенаменски борбени авиони и можат да користат проектили чија набавка е планирани според новата програма за модернизација.