Петмина членови на грчкиот тим за помош загинаа во Либија

Сподели со своите пријатели

Петмина членови на грчкиот тим за хуманитарна помош, кој беше испратен во таа земја по разорните поплави што ја погодија Дерна, загинаа во сообраќајна несреќа во Либија, соопшти грчката армија.

Loading...

„Пет тела, меѓу кои тројца службеници на грчката армија и двајца преведувачи од грчкото Министерство за надворешни работи, кои беа дел од тимот за помош, ќе бидат вратени во Атина во понеделник“, се вели во соопштението на грчкиот началник на Генералштабот.

Либиските власти во неделата објавија дека четири лица загинале во несреќа што се случила кога грчкиот тим се движел од Бенгази кон Дерна, јавува Радио Слободна Европа.

Либискиот министер за здравство Отман Абделџалил изјави дека до несреќата дошло кога возило со 19 членови на грчкиот тим се судрило со автомобил во кој се наоѓало семејство од Либија.

Тој рече дека три лица во семејниот автомобил загинале, а двајца се тешко повредени.

Од 14-те повредени членови на грчкиот тим, сите до еден се вратени на лекување во Грција.

Грчката армија соопшти дека едно лице е хоспитализирано во Либија, бидејќи повредите не му дозволиле да се врати во Грција.