Орбан: Треба да се одговорат „тешките прашања“ пред ЕУ да ги започне преговорите со Украина

Сподели со своите пријатели

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави во петокот дека ќе треба да се одговорат „многу тешки прашања“ пред Европската унија воопшто да ги започне преговорите за членство со Украина, пренесува Ројтерс.

Loading...

Земјите на ЕУ во декември треба да одлучат дали ќе ѝ дозволат на Украина да ги започне пристапните преговори, за што ќе биде потребна едногласна поддршка од сите 27 членки.

Дипломатите велат дека Унгарија може да биде пречка.

– Не можеме да го избегнеме прашањето – кога ќе имаме преговори во Брисел наесен за иднината на Украина – дали навистина можеме сериозно да размислиме за членство на една земја, за почеток на пристапните преговори со земја која е во војна – рече Орбан на државното радио.

– Не ја знаеме големината на територијата на оваа земја, бидејќи војната се уште трае, не ја знаеме големината на нејзиното население затоа што тие бегаат… ако примевме земја во ЕУ без да знаеме нејзинтие параметри, ова би било без преседан. Така што мислам дека треба да одговориме на многу долги и тешки прашања додека не дојдеме до вистинска одлука за почеток на пристапните преговори – рече тој.

Орбан има потопли врски со Москва од многу негови партнери во ЕУ и постојано се судира со Киев, вклучително и за правото на етничките Унгарци да учат на својот мајчин јазик, откако Украина во 2017 година усвои закон за ограничување на употребата на јазиците на малцинствата во училиштата.

Во понеделникот, Орбан во парламентот рече дека Унгарија нема да ја поддржи Украина за ниту едно прашање во меѓународните односи додека не се обноват јазичните права на етничките Унгарци таму.

Унгарија е членка на НАТО и се противи на руската инвазија на Украина. Унгарија одби да испорача оружје на Украина, но ги пречека украинските бегалци кои бегаат од војната.

Loading...

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.