Од денеска нема пиење кафе без примена вакцина

Сподели со своите пријатели

Од денеска граѓаните на Македонија кои не примиле барем една доза од вакцина против коронавирусот нема да можат да пијат кафе, ниту да одат да гледаат фудбалски натпревар. Ова се дел од мерките што од денеска стапуваат на сила, а кои се однесуваат само на невакцинираното население.

Loading...

Според одлуката што пред недела дена ја донесе Владата на Република Северна Македонија, а по препорака на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство од денеска целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти (и во кафетерии), вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип.

На влезовите на угостителските објекти од денеска ќе ве чека редар кој, доколку има повеќе од 30 присутни лица во локалот, ќе проверува дали имате примено барем една доза од вакцината при што треба да приложите потврда за имунизација, односно сертификат кој може да го побарате преку вашиот матичен лекар или да се регистрирате и најавите на сајтот vakcinacija.mk.

– Од 16 август 2021 година се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани), гласи мерката што ја изгласа Владата.

Приложувањето и поседувањето на потврда за извршена имунизација – најмалку прва доза вакцина, се однесува на лица над 18 годишна возраст.

Воедно Владата ги задолжи надлежните инспекциски служби во претстојниот период да ги интензивираат контролите со цел стриктна примена и почитување на превентивните препораки, времените мерки и наредените мерки по однос на КОВИД-19.

Непочитувањето на новите рестриктивни мерки угостителите може да ги чини казна до 30.000 евра што ќе им ја изрече Државниот пазарен инспекторат доколку регистрира прекршување.

За оној кој што ќе седне да се напие кафе, а притоа не бил вакциниран, односно не поседува валидна потврда за извршена имунизација припадник на Министерството за внатрешни работи може да му изрече парична казна во износ од 250 евра во денарска противвредност.

Loading...

Една од последните измени на одлуката е дека освен со доказ за примена прва доза од вакцината, во угостителските објекти ќе им биде дозволено влегување и на оние што ја прележале болеста, но само во последните 45 дена.

Рано утринава се очекува да се одржи координативен штаб при владата при што ќе се разгледаат сите недвосмислености за примена на новите анти ковид мерки, како и сугестиите што веќе пристигнале од угостителите до Владата. Состанокот е закажан за во девет часот по што ќе следуваат повеќе детали.

Новите анти-ковид мерки следуваат откако бројот на заболени од коронавирусот во државата започна драстично да расте.

Никола Ивановски