Куманово го загуби третиот меч со Карпош Соколи

Сподели со своите пријатели

Кошаркарите на КК Куманово го загубија третиот меч од полуфиналниот дел од плејофот на домашната кошаркарска лига кога вчера на гостински терен беа совладани од Карпош Соколи со резултатот 74:65.

Кумановци на овој меч имаа лоша реализација од игра (18/61), што беше пресудно за вториот пораз во Скопје. Исто така, голем удел имаше „отсуството” на главните тројкаши, Александар Костоски и Марко Симоновски – првиот постигна две тројки од шест обиди и заврши со осум поени, додека Симоновски одигра меч за заборав со реализација 0/9 и ниту еден постигнат поен, но сигурно и фактот дека гостинот беше натскокан под обрачите, посебно во одбраната каде скоковите изразено беа во полза на К.Соколи (36-24). Дополнително, може да се земе предвид и за реализацијата на Бојан Трајковски, кој иако постигна 16 поени, само двапати поентираше за два од вкупно 12 обида.

„Соколите” одлично го отворија натпреварот и уште на стартот се одлепија двоцифрено (21-7). Домаќинот убедливата разлика ја изгради благодарение на одличните Соколов, Снер и Петровиќ кои „стрелаа” од секоја позиција, но исто така пресудна беше и лошата реализација на кумановци кои имаа реализација 3/10 од поле, и ниту една погодена тројка од вкупно четири обиди.

Во петтата минута тимот на К.Соколи дојде и до 23-от поен, но потоа следеа четири минути без постигнат кош, криза која противникот ја искористи и се доближи на 23-16. На стартот на вториот период избраниците на Матиќ ги искористија советите кои ги добија на паузата и повторно го вратија двоцифреното водство (32-20), а во средината дојдоа и до највисокото водство од 16 поени (40-24).

Голем минус во играта на кумановци беше отсуството на Александар Костоски, кој за 13 минути на паркетот не успеа ниту еднаш да реализира од игра (0/3) и да постигне само два поени, двата од слободни фрлања, а исто така тука беше и нерасположениот шутер Марко Симоновски кој шута пет тројки и не погоди ниту една. До полувремето поради неефикасниот шут на гостите домаќинот успеа да дојде и до водство од 19 поени (47-28).

На стартот на третиот период кумановци ја намалија разликата на 15 поени, со две тројки на Караџовски и Костоски, кои воедно беа и првите по онаа на Бојан Трајковски на стартот на мечот (53-38), која воедно беше идентична и по крајот на третиот период (59-44). Во последниот период славеше Куманово, но сепак, триумфот беше недоволен за топење на разликата која домаќинот ја изгради во првото полувреме.

Најефикасен кошаркар во победничкиот табор беше Болтиќ со 21 поени, а го следеа Снер со 15 и Петровиќ со 14 поени, додека кај Куманово најмногу се истакнаа Трајковски и Мандиќ со по 16 постигнати поени.

Четвртиот меч од полуфиналната серија од плејофот во Суперлигата се игра за најверојатно утре во Куманово.

Извор: СпортМедиа