Колку кумановци се вакцинирани против Ковид? Малкумина примиле трета доза

Сподели со своите пријатели

Куманово останува меѓу градовите со најмала стапка на вакцинирано население против ковид-19.

Loading...

Според статистиката на Министерството за здравство само 38 отсто од населението над 18 години во Куманово примило две дози на вакцина против коронавирусот, односно вкупно 40.737 лица.

Прва доза примиле 43.334 граѓани на Куманово, додека трета доза била аплицирана кај само 39 лица.

Сепак, според Министерството за здравство, вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава.

– Заклучно со 17ти октомври, со една доза на вакцина против Ковид 19 вакцинирани се 49,4% од населението над 18 годишна возраст. Кај лицата над 40 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 57%, кај лицата помеѓу 18-39 години опфатот со една доза на вакцина изнесува 33%, велат оттаму.

Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во градовите Охрид(65,1%), Кавадарци(65,3%), Неготино(66,3%), Гевгелија(62,4%) и Ресен(60,6%). Помеѓу 50-60% опфат на вакцинирано население со прва доза има во градовите Битола, Кичево, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Скопје, Валандово, Штип, Пробиштип.

Помеѓу 40-50% опфат на вакицнинирани граѓани има во градовите Кичево, св.Николе, Кочани, Виница, Делчево, К.Паланка, Струга, М.Брод и Тетово. Помеѓу 30-40%, односно најмалку вакцинирани во моментов има во Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и Радовиш.

Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин.

Loading...

– Вакцини има доволно и истите се достапни за сите што сакаат да се вакцинираат. Со извршена комплетна вакцинација се заштитувате себеси и своите најблиски од компликации на болеста предизвикана од вирусот Ковид-19. Вакцините штитат од смртен исход и спречуваат натамошно ширење на вирусот. Ги повикуваме сите кои досега не се вакцинирале, да го направат тоа во најскоро време на еден од најблиските пунктови до местото на живеење, стои во соопштението на Министерството за здравство.

Никола Ивановски