Јапонската влада ја тестираше водата кај Фукушима, тврди дека нема зголемена радиоактивност

Сподели со своите пријатели

Тестирањето на морската вода во близина на нуклеарната централа Фукушима не открило зголемена радиоактивност, објави јапонското Министерство за животна средина откако властите во земјата одобрија испуштање во морето на пречистена радиоактивна вода што се користела за ладење на реакторот Фукушима.

Loading...

Испуштањето на пречистената вода од нуклеарната централа Фукушима започна во четвртокот, што предизвика протести во Јапонија и во соседните земји, особено во Кина, која одлучи да го забрани увозот на риба и морски плодови од Јапонија, пишува Ројтерс.

Властите во Јапонија и научните организации тврдат дека водата што се испушта во Тихиот Океан по филтрирањето е безбедна и дека од неа се отстранети повеќето радиоактивни елементи освен тритиум, радиоактивен изотоп на водород.

Бидејќи тритиумот тешко се отстранува од водата што се користи во Фукушима, тој се разредува додека нивото на тритиум не падне под пропишаната граница.

Анализата на примероците од 11 локации во близина на нуклеарната централа, спроведена од Министерството за животна средина, покажа дека концентрацијата на тритиум е под долната граница од 7 до 8 бекерели на литар.

„Нема негативно влијание врз здравјето на луѓето и животната средина“, се вели во соопштението на јапонското Министерство за животна средина.

Се додава дека анализата е направена со „високо ниво на објективност, транспарентност и доверливост“, со цел да се спречат негативни последици за угледот на Јапонија.