Италија: Поради штрајк откажани речиси илјада летови

Сподели со своите пријатели

Во Италија речиси илјада летови се откажани поради штрајкот на воздушниот сообраќај.

Loading...

Според синдикатот кој повика на штрајк, одзивот е голем и вработените во воздухопловната индустрија бараат нов колективен договор шест години по истекот на претходниот.

Штрајкот во саботата, кој започна во десет часот, резултираше со откажување на летовите на сите италијански аеродроми, пренесува Танјуг.

На главните италијански аеродроми во Рим, Милано, Неапол и Венеција откажани се неколку стотици летови, при што се погодени околу 250 илјади патници, а здружението за заштита на потрошувачите Кодаконс смета дека штетите поради откажување и доцнење на летовите се во милиони, пренесува АНСА.

На аеродромот Фиумичино во Рим, авиокомпаниите однапред откажаа околу 200 национални и меѓународни пристигнувања и полетувања.

Откажани се 150 летови во Милано, 118 во Неапол и 101 во Венеција, па така кон крајот на саботата билансот во Италија варира меѓу 800 и илјада откажани летови.

Освен персоналот на земјата, штрајк стапија и пилотите на „Малта ер“, кои управуваат со летовите на „Рајанер“ во Италија, како и пилотите и стјуардесите на евтината шпанска авиокомпанија „Вуелинг“.

Ова е втор голем штрајк во Италија по штрајкот на железницата во четвртокот, кој предизвика значителен прекин на јавниот транспорт.

Loading...

Штрајковите ја погодуваат Италија, која е популарна дестинација за одмор во екот на туристичката сезона и топлотниот бран.

Штрајковите беа критикувани од италијанскиот вицепремиер и министер за инфраструктура и транспорт Матео Салвини.

„Не прифаќам некои синдикати да ја блокираат Италија, предизвикувајќи непријатности и штети на милиони италијански работници и странски туристи“, рече Салвини.