Хрватска ги повика жителите да не патуваат во Украина

Сподели со своите пријатели

Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска им препорача на своите граѓани да избегнуваат патување во делови на Украина кои граничат со Русија и да го одложат патувањето во остатокот од земјата.

Loading...

„Поради влошената безбедносна ситуација во Украина и концентрацијата на вооружените сили на Руската Федерација во областите кон границата со Украина, ги советуваме хрватските граѓани да ги избегнуваат сите патувања во областите на источна Украина кои се граничат со Руската Федерација, соопшти Министерството на својата веб-страница.

Препораката од Загреб уследи откако американскиот Стејт департмент, повикувајќи се на закана од руски напад, нареди повлекување на семејствата на своите дипломати од Украина во неделата, потсети Хина.

Шефот на европската дипломатија Џосеф Борељ во понеделникот изјави дека ЕУ нема да го следи американскиот пример, бидејќи сѐ уште не гледа причини за повлекување на дипломатите, но тоа го направија Австралија и Велика Британија.

Германија најави дека ќе им помогне на своите дипломати доколку одлучат да го сторат тоа, а земјите како Норвешка и Летонија ги советуваа своите жители да не патуваат во Украина.

Хрватското Министерство соопшти дека препораката за избегнување патувања се однесува и на избегнување патувања во области во близина на анектираниот полуостров Крим, како и области на северна Украина во близина на границата со Белорусија.

Се советуваат одложувања за патување во други делови на Украина кои не се неопходни, а доколку тоа не може да се направи, „се препорачува претпазливост и секојдневно информирање за моменталната ситуација“.