Европските берзи благо пораснаа, но тргувањето е претпазливо

Сподели со своите пријатели

На европските берзи утрово цените на акциите благо пораснаа, приближувајќи се до рекордни нивоа, но тргувањето е претпазливо пред новите податоци за инфлацијата во САД, кои би можеле да влијаат на насоката на пазарот.

Loading...

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9:30 часот порасна за 0,2 отсто, што е блиску до највисокото ниво во историјата, достигнато вчера.

Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,01 отсто, на 7.772 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,28 отсто, на 18.010 поени, а париски CAC за 0,58 отсто, на 8.185 поени.

Внимателно тргување и на азиските берзи

Внимателно се тргува и на азиските берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше речиси непроменет во 9 часот и 30 минути во споредба со вчера, кога го достигна највисокото ниво во последните седум месеци.

Утрово на токиската берза индексот Никеи порасна за 0,3 отсто, а цените на акциите во Јужна Кореја за 0,9 отсто. Во Австралија, Шангај и Хонг Конг тие паднаа меѓу 0,2 и 0,7 отсто.

Внимателни и на Волстрит

На берзите се тргува внимателно, како и вчера на Волстрит, кога Dow Jones зајакна 0,10 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,19 отсто, а Nasdaq индексот 0,54 отсто.

Падот на S&P 500 и Nasdaq најмногу се должи на падот на цените на производителите на чипови, како што се Nvidia и Intel, бидејќи инвеститорите решија да повлечат дел од својот профит од пазарот, по силниот пораст на цените на тие акции во последните недели.

Вчера индексот на тој сектор падна за 2,5 отсто, но од почетокот на годината и натаму е во пораст за околу 17 отсто, благодарение на оптимизмот на инвеститорите во однос на развојот на вештачката интелигенција.

Loading...

На пазарот сè уште преовладува ставот дека ФЕД може да започне со намалување на каматните стапки во јуни

Инвеститорите се претпазливи бидејќи денеска ќе биде објавен извештајот за цената на производителите во САД во февруари.

Во вторникот, податоците за потрошувачките цени покажаа дека инфлацијата не се намалила во изминатите два месеци, што значи дека американската централна банка би можела да ги задржи каматните стапки на покачени нивоа подолго од очекуваното.

На пазарот сè уште преовладува ставот дека ФЕД може да започне со намалување на каматните стапки во јуни.

Но, доколку извештајот покаже дека цените на производителите пораснале повеќе од очекуваното, проценките за намалување на каматните стапки во јуни би спласнале, што може негативно да се одрази на пазарот.