Ердоган се извини за бавната реакција по земјотресот

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган им се извини на граѓаните и побара прошка за бавното спасување во одредени подрачја погодени од разорниот земјотрес.

Loading...

Како што јави Би-Би-Си, Ердоган побарал разбирање при посетата на јужниот град Адијаман, бидејќи, како што рече, земјотресот и лошите временски услови не им дозволиле на властите да ја завршат својата работа најдобро како што би сакале.

„За тоа барам прошка“, рече Ердоган.

Британскиот јавен сервис потсети дека до јуни се очекува Ердоган да одржи избори за претседател на земјата, каде што бара нов мандат по 20 години на власт и оти посетува некои од најпогодените области од земјотресот.

Во Адијаман, Ердоган вети дека ќе изгради повеќе од 500.000 нови домови, заедно со придружната инфраструктура, медицински центри и паркови.

Како што пренесува Радио Слободна Европа, неговата посета на тој град уследи по остри критики од локалното население за реакцијата во итни случаи.

Тој град беше еден од најтешко погодените од земјотресот на 6 февруари, а преживеаните рекоа дека помошта пристигнала доцна, дека долго биле оставени „на сопствена волја“.

Додека незадоволството се шири низ целата земја, фудбалските навивачи во Турција минатиот викенд побараа оставка од владата.

Loading...

Оние кои протестираа во најголемиот турски град беа приведени од полицијата.

Официјалните податоци покажуваат дека повеќе од 160.000 згради со 520.000 станови се урнале или биле сериозно оштетени во земјотресот на 6 февруари.

Турската влада објави дека стотици луѓе се под истрага и дека речиси 200 лица, вклучително градежни изведувачи и сопственици на згради, се уапсени за градење спротивно на прописите што ја загрозуваат безбедноста на зградите во случај на земјотрес.

Во разорниот земјотрес во Турција и Сирија загинаа повеќе од 50 илјади луѓе, 1,5 милиони во Турција останаа без покрив над главата, додека илјадници згради беа уништени.

Светска банка процени дека земјотресот на 6 февруари и нанел материјална штета на Турција од 34 милијарди долари и дека трошоците за реконструкција би можеле да бидат двојно поголеми.