Димитриевски: Наскоро започнуваме со реконструкција на Соколана, работиме на документација за изградба на нов Зелен пазар

Сподели со своите пријатели

„Завршена е тендерската постапка за засилување на статиката и промена на кровниот покривач на Соколана. Веќе е добиена и градежната дозвола и мислам дека до крајот на овој месец изведувачот на активностите ќе биде воведен во работа за да продолжиме со работа на Соколана. Претходно обезбедивме средства од околу 9 милиони денари коишто ни беа дадени со одлука на Влада, а потоа истите беа одземени. Токму затоа, оваа инвестиција ќе оди на сметка од општинскиот буџет”, вели градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски на брифинг за медиумите.

Loading...

За Димитриевски реконструкцијата на Соколана е проект од значење не само за општината, туку и од особено значење на државата како објект под заштита на државата, за што очекува Владата во иднина да ја преиспита оваа одлука и обезбеди дополнителни средства со коишто ќе се помогне во реконструкција на истиот.

„Ние имаме обезбедено околу 8 милиони денари буџет, нешто приближно колку што беше обезбедено и од Владата, износ којшто ни беше доделен од страна на Владата, а потоа беше повлечен со образложение дека не сме го изреализирале тој износ, а во меѓувреме изработивме проект за којшто чекавме повеќе од година дена за добивање согласност и конзерваторско мислење. Од моментот кога ги обезбедивме сите согласности и требаше да ни биде дадена дозвола бидејќи станува збор за објект под заштита на државата, беше донесена дозволата од министерството за транспорт и врски, а веднаш потоа експресно укината. Реагиравме до министерството на што ни образложија што дополнително треба да обезбедиме како документација и конечно пред седум дена ја добивме дозволата”, дополнува тој.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  57 возачи казнети за 1ви Мај во Куманово

Општина Куманово планира нов современ градски пазар на локација на Зелениот пазар во градот, со што Димитриевски ги демантираше шпекулациите пласирани во јавноста дека ќе се урива градскиот пазар и на оваа локација ќе се гради станбено деловен центар, дезинформација која изминатите денови се користи за манипулирање со граѓаните од Куманово.

„Како општина би сакале да изградиме современ пазар, модерен пазар, но без содржини за домување и истиот би имал подземно паркирање по примерот на 1 Мај Куманово и дополнителни содржини, модерни тезги, отворен Зелен пазар, затворен дел на пазарот и сето тоа како што доликува на нашиот град. Ние сме во фаза на изготвување на идејно решение за изградба на современ градски пазар на локацијата на зелениот пазар. Во тек е процес за затворање на постапките за стекнување со сопственост на земјиштето, процес којшто не бил претходно завршен од ниту еден менаџер на јавното претпријатие или пак од општината, а потоа ќе пристапиме кон конечно изготвување на реално решение согласно важечката урбанистичка планска документација на оваа локација, којашто не предвидува зграда или станбен комплекс”, категорично тврди градоначалникот Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец возел пијан и бил агресивен кон полицајци

Димитриевски на брифингот со новинари најави изградба и на четири нови детски катчиња на територијата на Општина Куманово и тоа локалитет Водовод, улица Есперанто, улица Лесковачка и село Черкези. Тема на којашто дополнително се осврна по барање на новинарите е и Пионерскиот дом во Куманово, објект за којшто Општина Куманово веќе четири години во континуитет се обидува да добие сопственост од Владата.

„Последното барање испратено до Владата пред околу еден месец е препратено од Владата до ресорното министерство за труд и социјална политика, на коешто писмено барање од наша страна да ни се отстапи овој објект, всушност е одбиено со образложение дека тие ќе влезат во инвестиција да го реконструираат овој објект. Тој одговор од ова ресорно министерство, но и од Владата го добиваме во континуитет, иако во една од последните посети на премиерот Ковачевски беше ветено дека ќе направи да се реконструира овој објект. Очигледно дека тоа ќе остане само на празни зборови, бидејќи еден дел од овој објект веќе е преадаптиран во детска градинка и истиот не може да се впише во ниту еден документ. Тоа што самата инвестиција е правена без соодветна техничка документација, без соодветно одобрение, едноставно министерството за труд и социјална политика не е овластено, ниту пак може да инвестира во ваков тип на објекти коишто имаат намена образование. Нашата цел е да го добиеме овој објект, првенствено да го исчистиме, а потоа да го заштитиме да не може да се провалува во него и вандалски да се однесуваат кон истиот, да направиме проект за реконструкција и истиот да го адаптираме во еден простор којшто ќе биде во функција на воспитно образовниот процес”, истакнува Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Пријавено пукање во липковско, полицијата не открила ништо