Димитриевски и Заев го отворија првиот Младински центар во Куманово (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово во соработка со Владата на Република Македонија и Агенција за млади и спорт денеска во Куманово го отвори првиот Младински центар во државата кој согласно Законот за младинско учество и младински политики е со цел ставање во функција на младите од општина Куманово. На настанот присуствуваа и се обратија премиерот Зоран Заев, Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и заменик директорот на АМС, Авни Рустеми.

Loading...

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитривски изјави дека голема е честа да се отвори првиот Младински центар во државата токму во оваа општина и што денеска на еден начин општината добива признание во делот на заложбите и работењето на сите младински организации кои во континуитет функционираат во Куманово.

„Куманово е еден широк колорит и е реален мултиетнички центар којшто го претставуваат сите заедници кои живеат на територијата на нашата држава. Уште поголема е радоста за мене како градоначалник што денеска на еден начин добиваме и признание како општина во делот на заложбите и работењето на сите младински организации кои во континуитет функционираат во нашиот град. Навистина сум пресреќен и во оваа прилика сакам да се заблагодарам на Владата, Агенцијата за млади и спорт, Холандската амбасада, на сите пријатели на нашиот град, но најмногу на младинските организации и младинските луѓе кои даваат несебичен допринос во секојдневниот развој на нашиот град. Едноставно, сите ние се гордееме со сето тоа што вие полни со ентузијазам секојдневно го развивате“, потенцираше Димитриевски.

 

 

Во своето обраќање, Димитриевски истакна дека согласно Законот треба да се продолжи заеднички со Советот на општина Куманово да се изнаоѓаат дополнителни средства во делот на сите идни активности на младинските организации.

„Секогаш сметајте на општината како партнер во секој проект, а ние ќе бараме уште поголема поддршка од Владата и од државниот буџет, од Агенцијата за млади и спорт и сите советници коишто доаѓаат сè со единствена цел – да направиме уште поголеми дела за младите луѓе и за идните генерации во нашиот град и држава“, посочи Димитриевски.

Loading...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев потенцирање дека Општина Куманово е позната како симбол на шареноликоста, пријател на младите луѓе и со отворањето на овој младински центар само го потврдува тоа, а Владата ќе продолжи со своите силни заложби за вложување во младите.

„Овој настан ја потврдува нашата цврста заложба за вложување во младинската инфраструктура и за зајакнување на учеството на младите во процесите на креирање на младински политики и донесување на одлуки. Со отворањето на овие центри пред се сакаме да обезбедиме соодветен и безбеден простор каде ќе се спроведува системска поддршка на личниот развој на младите луѓе. Ова ќе го постигнеме преку неформално образование, менторство, информирање, неформално искуствено учење кое се случува во слободното време низ учество во забавни и волонтерски активности кои ќе им бидат достапни на сите млади од општината. Едновремено овој проект претставува и широк инклузивен процес со кој сакаме да креираме простор за младите, нивниот глас кој ќе допре до институциите и ќе се преточи во конкретна мерка, активност и реформа која ќе ја унапреди положбата на младиот човек во Република Северна Македонија. Со примената на младинската работа сакаме да го поттикнуваме волонтерството и младинскиот активизам. Конечната цел ни е да креираме поволен амбиент за сите во кој заедно на иста маса младите и институциите ќе носат одлуки од корист на младиот човек“, изјави премиерот Заев.

 

 

Директорот на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсоски рече дека овој центар е голем чекор напред кон градење на цврсти пријателства меѓу младите. Но, исто така и во создавање на идеи и проекти во кои младите луѓе заедно без разлика на националната припадност ќе придонесат кон напредок на државата во сите сфери.

„Младите луѓе знаат што им треба. Тоа гласно го кажуваат и работат на нивната идеа за поврзување и зближување. Наше е да им веруваме и да ги поддржуваме. Младите луѓе колку и да зборуваат различни јазици, да припаѓаат на различни религии, тие сите имаат иста потреба, иста цел – да живеат квалитетно, да бидат исполнети, реализирани во своите професии. Младиот човек без разлика дали е македонец, албанец, србин, ром, бошњак, влав – сака да биде почитуван, да добие шанса да напредува и придонесува. Тоа Агенцијата за млади и спорт го препознава и токму затоа со голема радост го поддржуваме овој Младински центар во Куманово“, изјави Мојсоски.

 

Loading...

 

Марија Крстевска и Нами Исаки, младински работници и активисти се заблагодарија на општина Куманово и Владата на РСМ за отворањето на овој Младински центар кој треба да биде пример за сите општини во државата, надевајќи се дека нивниот апел за потребата од ваков тип на современи младински центри во секоја општина ќе го слушнат сите општини и ќе бидат пријател и партнер на младите со што ќе им обезбедат вакви центри кои ќе ги зближуваат младите, ќе им обезбедат простор заедно да учат едни од други и да се развиваат и на личен и професионален план.

 

Leave a Reply