Борел: Санкциите за кршење на човековите права треба да го носат името на Навални

Сподели со своите пријатели

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, денеска изјави дека ќе предложи режимот на санкции на ЕУ во областа на човековите права да го носи името на починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, кој почина во затвор.

Loading...

„Во спомен на Навални, им предлагаме на министрите нашиот режим на санкции во областа на човековите права да биде именуван по него, режим на санкции на Навални, за неговото име засекогаш да ја следи работата на ЕУ во одбраната на човековите права“, рече Борел пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки.

Глобалниот режим на санкции на ЕУ во областа на човековите права е механизам на Советот на ЕУ за казнување на лица од земји надвор од Унијата кои се одговорни за сериозни прекршувања на човековите права.

На состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки беше поканета и сопругата на убиениот руски опозиционер Јулија Навални.

„Мораме да испратиме порака за руска поддршка до опозицијата“, рече Борел, додавајќи дека и на политички и на воен фронт треба да продолжиме да ја поддржуваме Украина и „рускиот народ кој сака да живее во слобода“.