Без проблеми се одвива пописот и во Куманово и во државата

Сподели со своите пријатели

Најголемата статистичка операција во државата во изминатите 20 години започна од вчера и во текот на само еден ден попишани се над 100.000 жители во државата.

Loading...

Вкупно 310 лица се ангажирани за спроведување на пописот во Куманово и Старо Нагоричане, информираше денеска Александар Гелевски, претседател на пописен реон 49 каде спаѓаат овие две општини.

– Пописот на населението, домаќинствата и становите се одвива едновремено на територијата на целата држава, организирано од 50 пописни региони. За пописниот регион 49 во кој спаѓаат општините Куманово и Старо Нагоричане во соработка со Државниот завод за статистика во моментот имаме ангажирано 310 лица од кои 258 како реонски попишувачи, 26 како реонски инструктори и 26 лица како резервени попишувачи, рече Гелевски.

 

фото: архива

 

Пописот, вели тој, е започнат вчера во осум часот и до денеска нема регистрирано никакви нарушувања на процесот. Граѓаните ги примаат попишувачите, ги даваат потребните податоци, а притоа се запазени сите протоколи пропишани од надлежните институции.

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на Куманово, информираше дека пописот се одвива без никакви нарушувања.

– Вчера зпочна пописот и се одвива со одлично темпо, околу 100.000 граѓани имаме попишано во првиот ден од пописот, тоа покажува дека граѓаните се длабоко свесни за одговорноста која што секој од нас ја има, рече Спасовски.

Loading...

 

 

Тој ги повика граѓаните масовно да се вклучат во оваа операција, да се попишат сите семејства за да се добие реална слика за потребите и капацитетите со кои располага државата.

Сепак, нагласи дека доколку граѓаните одбиваат да се попишат ќе следуваат соодветни пријави.

– За сите граѓани кои ќе одбијат да се попишат сигурно дека ќе се применат мерките и ќе има пријави, меѓутоа очекувам како што помина вчерашниот ден во една одлучна атмосфера, атмосфера на граѓанска одговорност дека и понатаму ќе продолжиме и пописот ќе заврши успешно и после 20 години ќе можеме да ги имаме детално податоците што ни се потребни, рече Спасовски.

Пописот се спроведува паралелно во 50 пописни региони, во урбаните и руралните средини, а се очекува да заврши до крајот на септември.