Зошто не беа објавени снимки од телото на Осама бин Ладен?

Сподели со своите пријатели

Човекот кој тврди дека е член на Тимот 6 на американските Navy SEALS, кој го уби Осама бин Ладен во 2011 година, напиша нова книга, во која ја опишува и открива вистинската причина што не беа објавени снимки и фотографии од мртвото тело на Осама.

Во „Операторот“, Роберт О’Нил ја опишива својата кариера на поранешна морнаричка Фока, во која има учествувано во повеќе од 400 мисии, од кои најзначајна останува операцијата во куќата во која се криел бин Ладен во Пакистан.

Како што раскажува О’Нил, тој се движел зад своите колеги од одредот додека тие ја претресувале трикатната куќа. На вториот кат некако успеале да го идентификуваат синот на бин Ладен – Халид, кој држел автомат Калашников.

„Халид, се приближува“, му шепнале Фоките. Халид ја покажал главата и бил застрелан во лицето, од некој од неименуваните колеги на О’Нил.

Тимот продолжил кон третиот кат. Откако влегле во спалната соба на бин Ладен, еден од колегите пукал на двете најдени жени, стравувајќи дека можеби носат елеци со експлозиви, додека во исто време О’Нил пукал во самиот бин Ладен – лидерот на Ал Каеда.

„За помалку од секунда нанишанив над десното рамо на жената и го повлеков чкрапалото два пати“, пишува тој. „Главата на бин Ладен се расцвета и тој се свлече на подот. Испукав уште еден куршум во главата, за да се осигурам“.

Постојат извесни спорови околу тоа кој ги истрелал фаталните куршуми, но според повеќето описи на настанот, тоа бил О’Нил.

Според статијата на The Intercept, О’Нил му ја преполовил главата на бин Ладен со неколку куршуми, кои му го расцепиле челото во форма на латинското V. Во книгата О’Нил пишува дека тој и колегите буквално морале да ги притиснат деловите од главата на бин Ладен за да можат да направат фотографии за негово идентификување. Со тоа, сепак, не завршува демолирањето на телото на терористот. Според Џек Марфи од SOFREP – новинарски сајт специјализиран за специјалните операции, два неименувани извора му се довериле во 2016-та година дека уште неколкумина од одредот на Фоките му се изредиле на телото, истрелувајќи по некој куршум. На крајот, изрешетано е со најмалку 100 прострелни рани. Марфи – поранешен воен ренџер, го опишува тоа како „повеќе од претерано“.

„Самата снимка веројатно би предизвикала меѓународен скандал, кој би резултирал со истраги, кои пак би откриле детали за операциите и дејствијата на воените сили, за кои многумина би направиле сé за да ги прикријат“, пишува Марфи.

Откако телото на бин Ладен е транспортирано до Авганистан за целосна идентификација, натоварено е на американскиот носач „Карл Винсон“, за да биде “погребано“ во морето. Фрлено е некаде во водите на Арапско Море, на 2 мај 2011 година.