Тевдовски: Догодина најголеми средства во буџетот за активни мерки за вработување

Сподели со своите пријатели

Скоро милијарда денари се предвидени со Предлог буџетот за 2018 година за активни мерки за вработување на граѓаните.

Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски денеска на промоцијата на новата кампања „ЕУ за тебе“, која се однесува на вработувањето, образованието и социјалната инклузија и на која учествуваше заедно со еврокомесарот Јоханес Хан, евроамбасадорот во Македонија Самуел Жбогар, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Loading...

Според него ова е најголема сума досега издвоена од буџетот на Република Македонија за решавање  на најгорливиот проблем во општеството-невработеноста.

Во областа на финансиите министерот посочи дека за политиките за вработување, образование и социјална инклузија покрај значајната поддршка од ЕУ преку ИПА средствата и Владата издвојува и планира значителни средства за нивно спроведување. Како пример, министерот за финансии Тевдовски ги посочи активните мерки за вработување.

– Во Предлог буџетот за 2018 се предвидува скоро една милијарда денари за активни мерки за вработување, што е значајно повеќе во споредба со просекот од претходните години. Активните мерки за вработување се добар пример за комплементарноста на политките на ЕУ и националните политки на Владата на РМ, истакна министерот за финансии Тевдовски, посочувајќи дека Министерството за финансии е целосно насочено кон спроведување на европските реформи како транспарентноста во управување со јавните финансии и долгорочно планирање.

Согласно податоците објавени на веб страната на Министерството за финансии со новиот буџет за 2018 се планираат значително повеќе средства за активни мерки за вработување во однос на минатите години. Така во споредба со пред две години, планирано е скоро двојно повеќе средства за вработување преку активни мерки на Владата. Во рамки на овие средства проектирани се и средства за младинската гаранција – која предвидува одреден период државата да финансира директно пари за бруто-плати на млади луѓе кои завршиле образование и се подготвени да се обучуваат или трајно да се вработат во земјава.

Планирани се и две милијарди денари средства за поддршка на домашни и странски компании, што, исто така, ќе придонесе кон отворање на нови работни места

Извор: МИА