Општина Куманово и годинава ќе го поддржи спортот и спортските клубови

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово има намера сеиозно да го поддржи спортот и да се грижи за развој на истиот, но за сите спортски клубови од буџетот на локалната самоуправа ќе биде издвоена иста финансиска помош, потенцира градоначалникот Максим Димитриевски.

Тоа значи рамномерно дисперзирање на финансиската помош за професионалните, полупрофесионалните и училишни спортски дисциплини.

Како што посочи Димитриевски на четвртата седница на советот на која беше излагасана и програмата за развој на спортот за 2018 година, финансирањето на спортот во државата според законските прописи не овозможува правните лица посериозно да се одлучат да даваат поддршка на клубовите, па целиот терет паѓа на општините.

– Праксата покажува дека вие имате спонзор во одреден спортски клуб кој што се натпреварува во куп на натпревари на државно ниво, до одреден момент кога истито спонзор добива или ужива одредени бенефиции од страна на општината. Истиот момент откако спонзорот, или тоа правно лице ќе ги добие бараните услуги од општината, едноставно се откажува од спонзорство, тоа е нашата реалност и треба многу отворено да разговараме на оваа тема во јавноста. Тоа е нашата реалност во сите спортски клубови, изјави Димитриевски.

Кумановските клубови немаат сериозна поддршка од поголеми компании, па општината се јавува како најголем финансиски покровител за сите спортски клубови и манифестации во градот.

– Доведени сме во состојба или да ги оставиме сами да егзистираат или повторно општината да извади дел од буџетските средства кои доаѓаат како финансиски импут во општината врз база на основните приходи на општината врз однос на даноци и такси и да ги трансферираме за поддршка на програмата за која денеска вие советниците ја разгледувате. На тој начин се откажуваме директно од дел од капитални инвестиции во градот, да не градиме нови улици, нова инфраструктура, туку директно средствата да ги насочиме кон спортските клубови за да имаме спорт во градот. Ако се вратиме наназад 10 години, немавме спорт во Куманово, егзистираше нешто, денеска Куманово е еден од најспортските градови, ако не и со право да кажам најспортскиот град во Република Македонија, посочи Димитриевски.

Според градоначалникот Димитриевски, локалната самоуправа не може да се откаже од поддршката на натпреварувачкиот спорт, затоа што токму тој го претставува градот на државно и меѓународно ниво. Воедно, сепак не треба да се заборави основната дејоност, а тоа е грижата на општината, а тоа е грижа за развој на спортот и разграничување на комерцијализација на спортот и обврската за поддршка на спортот, вели Димитриевски.

Општинскиот сојуз на спортови, каде членуваат шеесетина спортски здруженија и клубови дава сериозна поддршка на спортот, но финансиите и натаму остануваат голем проблем. Одлични успеси бележат петте клубови кои се натпреваруваат во првите лиги, но поголемиот дел од спортистите се натпреваруваат како волонтери, без за тоа да земаат плата или хонорари.