Од денес забрана за емитување македонска музика

Сподели со своите пријатели

Од ноќва на полноќ стапува на сила одлуката за забрана за емитување на македонската музика, според одлуката на Здружението за заштита на авторски музички права донесена на Собранието одржано на 17ти месецов.

Се забранува емитување на авторски музички дела од 20 септември од репертоарот на ЗАМП и тоа: ораториуми, кантати, дела на симфониската, солистичката, хорската, забавна, детската, народната, џез-музиката; извадоци од музичко-сценски дела (опери, балет); музика од музичко-кореографски дела, без разлика на нивното траење; музички дела користени во драмски дела, музика користена во ТВ-филмови, серии, музички дела употребувани за шпици, музички записи, интермеца, обработка на народно творештво и слични.

Ваквата одлука според Здружението е револт на состојбата на непочитувањето на ЗАМП од страна на Министерството за култура.

Втор пат за шест месеца се носи одлука за забрана за емитување на авторски музички дела, поради фактот што надлежните државни органи посегнаа по загарантираните уставни права на авторите во Македонија, преку носење закони во итни постапки, без претходни јавни расправи и дебати и со непочитување на Уставот на Република Македонија и меѓународните конвенции што ги регулираат авторските права – стои во одлуката на ЗАМП.

Членовите на Здружението реагираат и за тоа што Министерството за култура дало дозвола и на друго здружение да ги регулира авторски права – СОКОМ-МАП, иако за тоа не постоела оправданост, велат од ЗАМП.