Луиза Винтон: Една од три жени изложена на некаква форма на насилство

Сподели со своите пријатели

Една од три жени или девојчиња е изложена на одреден облик на насилство во глобални рамки, посочи постојаната координаторка на Обединетите нации во Македонија, Луиза Винтон во интервјуто за МИА, кое во целост ќе биде објавено утре.

– Оваа бројка, една од три, е применлива речиси во секоја земја, во секој контекст. Во Македонија конкретно забележуваме дека има недостиг на податоци, не знаеме точно за колку случаи станува збор, затоа во земјава работиме напорно во таа насока. Сега спроведуваме истражување за состојбата во земјава, вели Винтон.

Посочи дека Европската унија спровела големо истражување во оваа сфера во 2014 година.

– Документирано е дека не само што една од три жени или девојчиња биле изложени на некаков облик насилство, туку осум отсто од сите анкетирани искусиле физичко или сексуално насилство во изминатите 12 месеци, додаде Винтон.

Во Собранието вечерва ќе биде означен почетокот на кампањата „Шестнаест дена активизам против родово насилство“, во организација на ОН, а во соработка со институциите во Македонија, на што ќе присустува и Винтон.

Со одбележување на почетокот на кампањата всушност се најавува и утрешниот ден 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.

– Целта на оваа кампања е да се привлече внимание на прашањето за насилство врз жените. ОН посветуваат големо внимание на ова прашање, бидејќи насилството врз жените е човеково право, кое бележи најголема злоупотреба, а кое има најмало признание. Целта е луѓето да станат свесни за оваа состојба, но да станат свесни и за она што можат да го направат за да се спречи насилството, истакна Винтон.

Таа вели дека Македонија има долга традиција на одбележување на овој ден, но додава дека земјата мора да вложи повеќе напори сето ова да не биде само симболично, туку вистински да се имплементираат донесените решенија.

Почетокот на кампањата ќе биде означен не случајно во Собранието. Истакнува дека тоа е симболичен акт, со кој се дава на знаење дека од Собранието се очекува во најкус можен рок да ја усвои Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, позната како Истанбулска конвенција.

Извор: МИА

Loading...