Кумановци со најмногу претставки до правобранителот од областа на финансиите и царината

Сподели со своите пријатели

Намален е бројот на граѓаните кои во првото полугодие од тековната година поднеле претставка до Канцеларијата на заменик-народниот правобранител во Куманово, споредено со истиот период минатата година, за приближно десет проценти, информираа денеска надлежните од канцеларијата.

Според заменик-народниот правобранител, Насер Весељи од вкупно 104 предмети, поголемиот број претставки, 22 кои ги поднеле граѓаните се однесуваат на областа финансии и царина, пред се, станува збор за претставки за радиодифузна такса, двојно задолжување, задолжување на лица кои со децении не живеат веќе во Македонија. Од канцеларијата посочуваат дека следуваат претставките од областа на правосудството, односно на работата на извршителите дури 18, каде што граѓаните се жалеле дека им се блокирани средства кои согласно законот не смеат да се блокираат како што се средства од социјални трансфери, туѓа нега, социјална парична помош, постојана парична помош, детски додаток или пак им биле блокирани третина од платата или пензијата. Граѓаните од североисточниот регион поднеле претставки и за работата на полицијата, за работни односи, потрошувачки права, пред се корекција на фактури од комунални претпријатија.

Од затворот К’шање имаме 19 предмети, овде наводите на подносителите се различни, меѓутоа како проблем јас би го напоменал недостигот на доволни количини на вода, бидејќи затворот не дека сака да ускрати право, туку едноноставно не може да го реши овој проблем, самостојно бидејќи нема доволно вода. За решавање на овој проблем треба да се инволвираат државни институтции – изјави заменикот народен правобранител.

Од вкупниот број предмети, во три случаи канцеларијата на народниот правобранител покренала постака по сопствена иницијатива.Од вкупно 104 предмети , 74 веќе се завршени. Од нив, во 48 проценти случаи е констатирана повреда на право и тие се решени, а во 37 проценти од случаите граѓаните мислеле дека правото им е повредено, но тоа не е констатирано, посочуваат надлежните. Во два предмети за кои е констатирана повреда на право, иституциите не постапиле по укажувањата на заменикот народен правобранител.

Апелирам до жителите од руралните средини и помалите општини од североисточниот регион да се обратат до канцеларијата за сите недоумици кои ги имаат и доколку мислат дека институциите им прекршиле некое право – изјави Весељи.

Најголем број од претставките ги поднеле граѓани на Куманово.