Двајца кумановци пријавиле оштетување на домовите од вчерашниот земјотрес

Сподели со своите пријатели

Двајца жители од Куманово доцна вчеравечер и во текот на ноќта пријавиле оштетување на своите домови по вчерашниот посилен земјотрес кој во 15:10 часот го погоди Скопје, а силно беше почувствуван и во кумановскиот регион.

Од Регионалниот центар за управување со кризи за Кумановски Муабети изјавија дека станува збор за незначителни оштетувања на објектите кај двајцата кумановци кои пријавиле штета.

Кај едниот на три места се јавило напукнување на преградните односно таванските ѕидови од куќата, додека при другиот повик било пријавено дека е оштетена кровната конструкција на куќата, односно неколку ќерамиди паднале од кровот на двокатниот семеен дом.

Луѓето најверојатно ги пријавиле овие оштетувања поради тоа што мислат дека ќе добијат одредени обештетувања од држава, но првенствена намена на отворање на телефонската линија за пријавување беше да се утврди дали постојат безбедносни нарушувања поради кои семејствата не би можеле да преноќат во своите домови. Тоа ни створи дополнителна работа во текот на ноќта, поради зголемениот број префрлени повици од граѓани на Скопје кај кои има посериозни штети – изјави Марјан Арсовски, дежурен оперативец при РЦУК.

Дежурниот оперативец на Регионалниот центар за управување со кризи истакна дека станува збор за доста стари куќи кои при ударот наишле на минмални оштетувања.

Инаку според Европскиот сеиозмолошки центар вчера во Скопје и околината биле регистрирани 11 земјотреси, од кои најсилниот од 5,3 степени се случи во 15:10 часот, втор најсилен земјотрес кој го потресол македонското тло во изминатите 110 години.