Запознајте го Pastello, успешниот кумановски бренд

Сподели со своите пријатели

Pastello е креативна компанија со седиште во Куманово, а нејзините основачи за неа велат дека е „основана од страна на луѓе со иста идеја и визија, и луѓе со иста цел, а тоа е да произведуваат безвременски, уникатен и одржлив дизајн на осветлување“. И оваа компанија го нуди токму тоа, различни видови расветни тела и дизајни од прекрасно природно дрво. Тие даваат комплетно креативен осврт на секојдневните идеи за внесување на светлост во домот.

Loading...

Како дојдовте до идејата за да правите уникатно осветлување ?

Тргнавме во потрага по уникатно осветлување, а наидовме само на стандардизирани увозни лустери и ламби. За наша среќа Македонија изобилува со високо квалитетно дрво. Составивме тим од искусни мајстори на кои им дадовме еден нов и модерен правец во начинот на производство. Нашата визија стана реалност. Добивме осветлување со карактер.

Од што најчесто црпите инспирација за дизајни ?

Инспирацијата и креативноста ја добиваме од сите страни, од разни природни и индустриски форми. На секој производ му посветуваме многу време и љубов. Секое парче рачно се обликува, составува и финишира се додека не се добие првично замислениот модел. Секоја ламба си има своја приказна. Секоја ламба си има и свое име. Секоја ламба си има свој карактерни особини и носи некоја емоција со себе. Една е нежна и едноставна, друга е остра, груба и упадлива. Една ќе внесе топла и пријатна атмсфера, друга ќе предизвика возбуда и забава во Вашиот дом.

Како настанува една ламба – од идеја до финален продукт ?

Можеби нашата приказна ќе Ви звучи познато, и ќе Ве потсети на приказната за Пинокио. На мајсторот Џепето му недостасувало дете па си направил дрвена кукла која што подоцна оживува. И кај нас, секое парче рачно се обликува, составува и финишира се додека не се добие првично замислениот модел. Нашите мајстори се секогаш подготвени да го обработат и да му дадат карактер. Како кај сите рачно изработени природни производи така и кај нашите може да се најдат разлики во текстурата и формата на дрвото, но со тоа само додаваме на нивната убавината и уникатност. Нашиот Џепето прави лустери и ламби кои што оживуваат кога Вие ке ги вклучите во струја.

Колку модели на ламби имате?

Loading...

Моментално имаме околу 70 модели на осветлување од секаков вид, столни, подни, ѕидни ламби и лустери. Сите наши модели можат да се редизајнираат и изменат во форма, големина и боја. Ние ја цениме и креативноста на нашите клиенти па затоа нудиме модели врз основа на Ваша идеја или нацрт.

Каде ги изработувате ламбите и каде може да се видат?

Производствениот центар (или нашата инвентивна фабрика) се наоѓа во Куманово, а сите наши ламби се достапни онлајн на www.pastello.mk или во нашиот салон во Скопје. Во продолжение погледнете мал дел од производите на Pastello.