Влада: За прес конференцијата во Куманово само дадовме насоки

Сподели со своите пријатели

Владата се оградува од организацијата на настанот во Куманово на кој техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министрите Венко Филипче и Арбер Адеми имаа состанок со кризниот штаб и градоначалникот Максим Димитриевски, кој следниот ден доби позитивни резултати на ковид-19, а владините функционери заминаа во самоизолација.

Loading...

Од Владата, која беше повикана да даде објаснување од Здружението на новинарите на Македонија, велат дека за настанот само дале насоки, но не го организирале. Локацијата за прес-конференцијата, како што велат, ја одредиле општинските служби.

Владата нема пракса и не се појавува во улога на организатор на прес-настани кои се одржуваат во локалните самоуправи. Како и при секоја друга посета на општина, така и овој пат, Владата даде препораки и насоки за реализацијата на прес-конференцијата, го најави учеството на владините претставници на прес-конференцијата, но не беше организатор на истата. Прес-службата на Владата беше во комуникација со општинските служби кои ја утврдија локацијата за одржување на прес-конференцијата. Во однос на препораки беше препорачано да се изврши дезинфекција на целиот простор и говорницата, поставување на микрофони на говорница, замолување на камерманите да се позиционираат на безбедно растојание и сите да носат заштитна опрема, се вели во соопштението на Владата.

Оттаму додаваат дека од увидот на терен констатирале дека општинските служби ги презеле сите активности за запазување на дадените инструкции.

Општина Куманово, пак, демантираше дека е организатор на настанот.

Градоначалникот Максим Димитриевски посочи дека средбата била на барање на Владата и претпоставувал дека функционерите биле информирани за тестирањето во Општинскиот кризен штаб.

Потенцираше дека на средбата сите биле заштитени, освен кога со Спасовски давале изјави за медиуми, но, како што рече, биле на дистанца. Евентуална одговорност за случајот, Димитриевски порача дека остава да утврдат институциите.

За случајот во Куманово вонреден инспекциски увид најави Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Loading...

МИА

Leave a Reply