СЗО објави видео од болницата во Палестина: Евакуација на пациенти со факели од „зоната на смртта“

Сподели со своите пријатели

Светската здравствена организација (СЗО) објави снимка од болницата Насер во градот Кан Јунис, јужниот дел на Појасот Газа, во која нејзините тимови влегоа во неделата, два дена откако израелските војници извршија рација во објектот, откако наводно добиле разузнавачки информации дека има заложници држени од Хамас.

Loading...

На видеото објавено на мрежата „Х“ се гледа како медицинските работници ги евакуираат пациентите со факел и ја опишуваат штетата на објектите на болницата. Еден доктор на ОН ја опишува сцената како „зона на смртта“.

Директорот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, претходно објави дека на агенцијата на ОН и е дозволено да влезе во болницата Насер, два дена откако беше одбиено нејзиното барање за влез во медицинскиот комплекс.

Тој изјави дека е помогнато лекување на 14 критични пациенти, од кои на двајца им е потребен вентилатор.

„Во болницата Насер има уште 180 пациенти и 15 лекари и медицински сестри. Болницата и понатаму се соочува со акутен недостиг на храна, основна медицинска опрема и кислород. Водата е исклучена, нема струја, освен резервниот генератор кој ги напојува машините за одржување во живот“, рече Гебрејесус во објавата на мрежата „Х“.

Кан Јунис е град на југот на Појасот Газа, каде што се засолниле повеќе од милион Палестинци кои побегнале од другите делови на Газа поради конфликтот меѓу израелските сили и палестинската милитантна група Хамас.

Меѓутоа, Израел најавува офанзива и врз Кан Јунис, а хуманитарните организации и бројни светски претставници предупредија дека тоа би значело нова хуманитарна катастрофа.

 

Loading...