Столтенберг го предупреди НАТО да не дозволи да се создаде јаз меѓу САД и Европа

Сподели со своите пријатели

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ги предупреди земјите-членки на Алијансата да не дозволат да се создаде јаз меѓу САД и Европа.

Loading...

– Го поздравувам тоа што европските сојузници повеќе инвестираат во одбраната, а НАТО бара на тоа многу, многу години – изјави Столтенберг пред новинарите во седиштето на алијансата во Брисел, каде што претседава со состанокот на министрите за одбрана на Алијансата.

Столтенберг нагласи дека НАТО не треба да оди по кој било пат што би означувал дека има обид за одвојување на Европа од Северна Америка, пренесе АП.

– НАТО има нуклеарно одвраќање, и тоа функционира со децении. Не треба да правиме ништо за да го поткопаме тоа. Тоа само би создало поголема неизвесност и повеќе простор за погрешно проценување и недоразбирање – рече Столтенберг.

Францускиот претседател Емануел Макрон инсистира дека Франција мора да ја задржи својата независност кога станува збор за можната употреба на нуклеарно оружје.

Макрон, сепак, во декември рече дека Франција има „посебна одговорност“ како нуклеарна сила во Европа и дека „стои покрај“ своите сојузници и европските партнери.

Разговорот за европски „нуклеарен чадор“ доаѓа, меѓу другите, од германски пратеници во Европскиот парламент.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и другите највисоки безбедносни функционери, сепак, тврдат дека нема алтернатива за нуклеарниот чадор на НАТО.

Loading...

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави во саботата дека ќе ја „охрабри“ Русија да ја нападне секоја членка на НАТО која нема да троши два отсто од својот БДП за одбрана.

Столтенберг рече дека коментарите на Трамп го доведуваат во прашање кредибилитетот на заложбата за колективна безбедност на НАТО, според која на напад врз која било земја членка ќе одговорат сите земји од Алијансата.

Соочени со војна во Украина која ги исцрпува воените и финансиските ресурси и со пакетот помош од САД закочен поради судирот меѓу демократите и републиканците во Конгресот, европските лидери и високи претставници предупредија дека Европа мора да инвестира повеќе во својата војска и нови технологии и зголемување на производството на оружје.

Во последниве недели дури се зборуваше дека Европа треба да развие „нуклеарен чадор“.