Содржините за НАТО да се изучуваат интердисциплинарно и да се напуштат застарени термини и стереотипи, препораки од Форум

Сподели со своите пријатели

Кои теми за НАТО и во кој обем да се воведуваат во наставните содржини, кој треба да биде вклучен во нивното креирање и колку е важен пристапот. Тој треба да биде интердисциплинарен и во контекст на историја, социологија, граѓанско образование. Притоа да не се нагласува воената компонента, туку да се претстави вистинската слика на вредностите и мисијата на НАТО како воено-политички сојуз.

Loading...

Ова се некои од препораките на професори кои учествуваа на еден од панелите на онлајн-форумот „Евроатлантските вредности и општествените предизвици низ призмата на образовниот процес“ во организација на ГАУС Институт – Фондација за нови технологии.

Едукацијата за Алијансата ќе придонесе да се елиминираат негативистичките ставови кон НАТО и погрешните информации што се пласираат во масовните медиумите, смета Татјана Стојановска-Иванова, професорка од Институтот за социологија на Филозофскиот факултет на УКИМ и раководител на постдипломските студии за европска интеграција во рамки на Институтот. Посочи дека во реформираното граѓанско образование, учениците веќе имаат можност да се сретнат со овие теми приспособени на нивната возраст.

– Да се каже кои се вистинските, универзални вредности и што значат придобивките на Република Северна Македонија со членството во НАТО, а и како земја аспирант во ЕУ. Во мас-медиумите недостигаат појаснувања што подразбира НАТО – дека не се агресори, дека придонесуваат за зајакнување на мирот и безбедноста на една земја. Тие содржини ние ги имплементиравме во темите во граѓанско образование, во осмо и деветто одделение, а во средно овие теми уште повеќе се елаборираат за да им помогнат на младите да ги надминат стереотипите  рече Стојановска-Иванова.

Има над сто магистри на студиите за интеграции, кои се едуцирале и имаат можност,  рече таа, да придонесат со своето знаење во клучни инститции, но дека не се доволно препознати. Според неа, тие ќе придонесат за демистификација на одредени теми и проблеми и за пренесување на научни согледувања и сознанија на оние кои ги немаат доволно.

Проф. Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки од Штипскиот универзитет зборуваше за актуелните наставни програми кои ги третираат овие теми и промените што смета дека се потребни во образовниот систем. Клучно е да се тргне од прашањето, рече тој, зошто ни е важно знаењето за Северноатлантската алијанса, дали се темите соодветно застапени во нашето образование и каков курикулум треба да се креира и да му се понуди на ученикот.

-Што да се учи, каков курикулум ни е потребен, кои предмети се важни, помалку важни, кои се најважни, колку сето тоа ќе биде интердисциплинирано и интегрирано… Ние треба прво да знаеме која е нашата цел од основното образование и колку во него ќе бидат застапени темите за НАТО,  рече Барбареев. Смета дека национални асоцијации и професионални тимови системски и на подолг рок треба да работат на тоа кои теми ќе влегуваат, во кој степен и длабочина на знаење, и дека тоа треба да го обезбеди и МОН како надлежна инстутуција.

Историчарот Александар Стојчев, раководител на Воениот музеј при Министетството за одбрана, кажа дека организираат изложби на документи и артефакти и други активности кои придонесуваат за продлабочување на знаењето за Алијансата, посочувајќи дека треба да се поврзуваат актуелни теми со настани од историјата, но да се напуштат некои застарени термини. Од тој аспект, рече, треба особено внимание да се посвети на наставните програми во основно и средно, па и во високо образивание.

Loading...

– Многу е важно како ќе се пристапува на истражувањето односно на презентирањето на историјата на НАТО. Тој е жив организам, кој постојано  се менува и еволуира. Во темите за светот во периодот по Втората светска војна доминира терминологија која треба да се напушти, како блоковска поделеност… Треба да се пристапи кон изучување како за организација која не е агресор, зашто уште на потпишувањето на Договорот од 4 април 1949 е потенцирано дека тоа е пакт на мирот, кој не е насочен кон ниту една нација, туку е насочен против агресијата и е одбранбен сојуз. Важно е да се истакне и партнерството односно соработката на НАТО со земјите партнери. И тоа да биде противтежа односно да не се истакнува воената компонента, истакна Стојчев.

За практични искуства во едукацијата за Северноатлантската алијанса на најмладите се осврна Весела Богдановиќ, одделенски наставник и дел од експертскиот тим на Институтот ГАУС во повеќе проекти. Таа соопшти за проект од минатата година кој резултирал со збирка од одговори на ученици од ОУ „Кочо Рацин“ во село Ивањевци (некои и во форма на приказни и бајки) за тоа како настанал НАТО и која е неговата мисија, а во рамки на проектот биле креирани и едукативни игри на теми за Алијансата.

Хатка Смаиловиќ

Leave a Reply