Северна Кореја лансираше балистички ракети, сирени во Јапонија

Сподели со своите пријатели

Северна Кореја истрела неколку балистички ракети, вклучително и проектил што активираше предупредувачки сирени во делови од централна и северна Јапонија, соопшти денеска Токио.

Loading...

Официјални лица во Јужна Кореја и Јапонија изјавија дека ракетата можеби била интерконтинентална балистичка ракета, оружје со долг дострел дизајнирано да носи нуклеарна боева глава на другата страна на планетата, пренесува Ројтерс.

Владата на Јапонија првично објави дека ракетата ја прелетала територијата на земјата, што подоцна беше демантирано.

Јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада рече дека владата ја загубила ракетата од радарот над Јапонското Море, додека јужнокорејските власти рекоа дека интерконтиненталната балистичка ракета направила „неуспешен лет“, објави новинската агенција Јонхап.

Јоџи Кода, пензиониран вицеадмирал и поранешен командант на флотата на Јапонските поморски сили за самоодбрана, рече дека загубата на ракетата од радарот укажува на неуспешно лансирање.

„Ова значи дека во одреден момент на патеката на летот имало проблем и ракетата всушност експлодирала“, рече тој.

Портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон изјави дека американскиот претседател Џо Бајден и неговиот тим ја „проценуваат ситуацијата“, додавајќи дека Вашингтон ќе ги преземе „сите неопходни мерки“ за да се обезбеди безбедност.

Претходно вчера, Северна Кореја истрела повеќе од 100 артилериски ракети од нејзиниот источен брег во воената тампон зона воспоставена со договорот со Сеул, соопшти војската на Јужна Кореја, пренесе Ројтерс.

Loading...