САД на Србија ѝ испорачаа 66 лесни оклопни возила Хамви

Сподели со своите пријатели

САД на Армијата на Србија ѝ испорача 66 лесни оклопни возила Хамви (HMMWV – High Mobility Multipurpose Wheeled Vehicle), набавени преку директен комерцијален договор со американската компанија AM General.

Loading...

Според порталот Balkan Security Network, ова е прва транша од вкупно 118 нарачани возила.

На Инстаграм каналот на американската амбасада во Србија пишува дека возилата се во касарната во Панчево и ќе се користат, меѓу другото, и за потребите на учество во меѓународни мировни мисии, пренесе Бета.

„Ова не се само американски возила, ова е стандард на НАТО. Кога ќе видите со кого е распоредена српската војска во мировните мисии, а партнери во Либан се Шпанија и Италија, а во Синај САД, заедничко ни е НАТО стандардот. Поседувањето на вакви возила ѝ овозможува на Србија да биде дел од која било мировна мисија ширум светот, да реагира брзо, како и да биде распоредена рамо до рамо со своите партнери“, наведуваат од американската амбасада.

Во соопштението се додава дека најновото купување ќе ѝ овозможи на Србија не само да биде ефикасна во одржувањето на мирот во светот, туку и дека тоа е „одличен прв чекор“ за постигнување интероперабилност со американската армија.

Балканската безбедносна мрежа дознава дека првите испораки на нови возила Хамви почнале на крајот на јуни преку белградскиот аеродром и се работи за чисто комерцијален бизнис, за разлика од првата транша од пред десет години, кога САД донираа голем број од овие возила.

Многу популарни во светот

Во 2012 и 2017 година, САД на Армијата на Србија ѝ дадоа вкупно 40 возила од овој тип, а Армијата ги користеше главно во тогашната Специјална бригада (баталјон во Панчево) и во 31. пешадиски баталјон од Заечар, дел од Третата армиска бригада.

Според некои информации, Србија планира да купи вкупно 118 Хамви од САД, кои ќе бидат вооружени со материјали од домашни воени фабрики.

Loading...

Планирано е новите модели да бидат опремени со митралез од 12,7 мм или автоматски фрлач на гранати поставен на универзален држач.

Хамви е повеќенаменско лесно оклопно борбено возило на тркала, кое е многу популарно и го користат многу армии во светот и речиси сите формации низ Србија.

Поради релативно слабата оклопна заштита, Хамви главно се користи во специјални или воено-полициски единици, како и за учество во мировни операции.