Регионалната депонија главна тема на средбата меѓу амбасадорот на ЕУ и градоначалникот Димитриевски (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Амбасадорот на Европската унија во Македонија Дејвид Гир денеска оствари официјална посета на Општина Куманово, при што се сретна со градоначалникот Максим Димитриевски.

Loading...

На средбата која траеше повеќе од еден час, амбасадорот и градоначалникот разговарале на четири клучни прашања во соработката помеѓу Европската унија и Општина Куманово, односно имплементирање на неколку проекти.

Една од главните теми на средбата била изградбата на регионалната депонија во Свети Николе која ќе служи за сите општини од Североисточниот и Источниот регион во земјата, а проект во кој Куманово е најголем учесник.

– Ова е проект кој се реализира од страна на поголем број општини од Источниот и Североисточниот регион, а конечната цел е да се затвори градската депонија „Краста“ и да се изгради нова фабрика за преработка на отпадот на овие два региони на територија на општината Свети Николе, каде општина Куманово е еден од најголемите партиципиенти во проектот, а целиот проект е грант на Европската унија, изјави градоначалникот Димитриевски.

 

 

Според евроамбасадорот Гир спроведувањето на оваа инвестиција ќе доведе до огромно подобрување за граѓаните на целиот регион и ќе го стави на прво место според управувањето со отпад, но нагласи дека тоа е сложен проект.

Loading...

– Тоа е сложен проект, кој опфаќа голем број чинители и потребни се многу работи, но во овој момент мора да започнеме побрзо да работиме и да напредуваме со неговото остварување за што побрзо граѓаните да ги почувствуваат неговите придобивки. Секако разговаравме за различни аспекти, како да го направиме градот поеколошки чист и да ја подобриме животната средина. Чистиот воздух е апсолутно од суштинско значење, секојдневно живееме тука го дишеме тој воздух и ни беше мило што можевме да разговаравме за сите начини на кои ЕУ може да помогне во овој процес, изјави амбасадорот Гир.

Токму преку проектите за прекугранична соработка на ЕУ, во текот на изминатите неколку години се реализирани повеќе инвестиции заедно во партнерство со Косово и Бугарија, а меѓу тие проекти е реконструкцијата на поранешен хотел „Солун“, како и партерното уредување на Спомен Костурница.

– Успеавме да имплементираме во изминатите четири години вкупно четири проекти од кои најзначаен е последниот за нас, проектот за реконструкција на поранешен Хотел „Солун“, но и проектот за Спомен Костурница, како и уредување на спортските игралишта и амфитеатарот на оваа локација. Дополнително изградба на атмосферска канализација на една од локациите во градот и исто така покривање на градскиот пазар, потенцираше градоначалникот Димитриевски.

Според градоначалникот Европската унија е голем партнер на општината и еден од најголемите донатори во историјата на градот.

– Се отвораат нови можности, за соработка на нови полиња, ги очекуваме отворените повици кои треба да следат, а ние како општина сме подготвени кадровски да одговориме на самите повици со цел да ги намалиме комуналните и други проблеми на нашите граѓани, рече Димитриевски.

Младите исто така биле тема на денешниот состанок меѓу амбасадорот и градоначалникот, а притоа беше потенцирано дека меѓу младите амбасадори на ЕУ во земјава се и двајца кумановци.

– Зборувавме за младите, оваа година е европска година на младите. Малдите се приоритет на ЕУ веќе подолго време така да разговаравме за начините на кои можеме и младите да ги ставиме во фокус и на кој начин може да ги реализираме. И многу ми е мило што за кратко време ќе ни се придружат двајца европски младински амбасадори кои се од тука од Куманово и многу ни е мило што ќе може заеднички да соработуваме со нив, рече евроамбасадорот.

По официјалниот состанок, градоначалникот Димитриевски го покани евроамбасадорот пеш да прошетаат низ централното градско подрачје до поранешниот хотел „Солун“.

Loading...

Никола Ивановски