Продажбата на музички ЦД е во пораст за прв пат по 17 години

Сподели со своите пријатели

Музичкиот стриминг е најпрофитабилната гранка на музичката индустрија денес, но старите добри аудио ЦД-а сè уште не се пензионирани. Според годишниот извештај објавен од Асоцијацијата на издавачката индустрија на Америка (RIAA), прометот од продажбата на ЦД-а во САД се зголемил за 21 отсто во 2021 година и достигнал вредност од 584 милиони долари. Ова е првпат овој пазар да расте, од 2004 година. Се верува дека тоа можело да се случи во 2020 година, доколку немало масовно (привремено) затворање на продавниците поради пандемијата COVID-19.

Loading...

Пазарот на ЛП исто така бележи постојан пораст, 15 години по ред. Сепак, во текот на 2021 година скокот беше огромен, дури 61 процент, а беше достигната и пазарната вредност од една милијарда долари. Ова е првпат да се достигне таа вредност, од 1986 година. Ако се земат предвид сите физички формати на музика, вкупната вредност на пазарот во САД во текот на 2021 година изнесуваше 1,66 милијарди долари.

Интересно е што пазарот за преземање дигитална музика беше единствениот што забележа пад во текот на изминатата година. Продажбата на дигитална музика е намалена за 12 отсто (на 587 милиони долари), што е само 3 милиони долари од вредноста на продажбата на ЦД-изданија.

Приходите од стриминг се очекува да растат. Вкупниот раст лани беше 23,8 отсто, а пазарот достигна вредност од 12,4 милијарди долари. Од нив, 9,5 милијарди долари одат за претплати, што е зголемување за 23 отсто во однос на 2020 година. Сè уште е најпрофитабилниот дел од музичката индустрија, со околу 83 отсто од вкупниот приход.