Писториус: Влезот на Шведска во НАТО треба да се случи сега

Сподели со своите пријатели

Планираниот пристап на Шведска во НАТО е задоцнет и треба да се случи сега, изјави денеска германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

Loading...

„Секое натамошно одложување го оптоварува трпението на сите“, им рече Писториус на новинарите пред состанокот на министрите на НАТО во Брисел, пренесе Ројтерс.

Унгарија е единствената членка на НАТО која не го одобри барањето на Шведска за пристапување во Алијансата, а унгарскиот парламент се очекува да го ратификува барањето на Стокхолм на крајот на овој месец.

Министрите за одбрана на НАТО денеска се состануваат во Брисел за да се подготват за самитот на Алијансата во јули во Вашингтон.

Министрите за одбрана на НАТО, исто така, ќе разговараат за постигнатиот напредок во зголемувањето на производството на муниција и обезбедувањето финансирање за новите одбранбени планови на Алијансата.

На дневен ред ќе биде и поддршката на НАТО за Украина, пренесува Танјуг.

Контакт групата за одбрана на Украина предводена од САД се состана во средата во седиштето на НАТО во Брисел за да се справи со ситуацијата на теренот и итните потреби на Украина.

Министрите за одбрана денеска ќе разговараат за дополнително зајакнување на одвраќањето и одбраната на НАТО, по што ќе следи состанок на Советот НАТО-Украина со учество на украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров.

Loading...

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го истакна историскиот напредок во трошоците за одбрана и изјави дека минатата година е забележан невиден раст од 11 отсто кај европските членки на Алијансата и Канада.

Столтенберг посочи дека оваа година се очекува 18-те членки на Алијансата да потрошат два отсто од својот БДП за одбрана.