Опаѓа водостојот на реките во кумановско

Сподели со своите пријатели

Водостојот на реките во кумановскиот регион во последните неколку часа е во опаѓање според штотуку добиените податоци од Секторот за хидрологија при УХМР.

Во опаѓање е водостојот на реките Пчиња, Кумановка и Крива Река, кои во текот на изминатите 24 часа беа излезени од речните корита и предизвикаа поплави.

Така нивото на Крива Река, со мерна станица во Крива Паланка опаднало од 57 сантиметри измерени вчера околу 18:30 чассот на 46 сантиметри измерени утринава во осум часот.

Слична е ситуацијата со реката Кумановка, чиј водостој е намален за 24 сантиметри во периодот од 18:30 вчера до 8 часот утрово, односно од 96 на 72 сантиметри, според параметрите од мерната станица во селото Добрашане.

Реката Пчиња со мерна станица во селото Пелинце исто така е во процес на повлекување во речното корито и нејзиниот водостој од 140 е намален на 132 сантиметри во периодот од 18:30 вчера до осум часот изутринава.

Ова се добри вести со оглед на информациите и најавите на УХМР за нови обилни врнежи во текот на деновите од викендот и стартот на новата работна недела.