Нови санкции против Русија на дневен ред на состанокот Г7

Сподели со своите пријатели

Министрите за финансии на Групата седум најбогати либерални демократии (Г7) ќе се обидат да договорат нов пакет економски санкции против Русија на денешниот состанок во Индија, во пресрет на првата годишнина од почетокот на нејзината инвазија на Украина.

Loading...

Состанокот на Г7 се одржува на маргините на состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на Г-20, најголемите светски економии, што се организира во Бангалор во јужна Индија.

„Во рамките на Г7 ќе се залагаме за зајакнување на економските санкции против Русија“, објави во понеделникот францускиот министер за економија Бруно Ле Мер.

Пред да замине на состанокот во Индија, тој рече дека економските санкции се ефективни и доведоа до преполовување на приходите на Русија од нафтата.

„Санкциите се долгорочно оружје, тие треба да се одржуваат и зајакнат“, рече францускиот министер.

Американскиот помошник државен секретар за политички прашања Викторија Нуланд изјави дека САД и нивните „партнери од Г7“ планираат „голем нов пакет“ санкции против Русија околу 24 февруари, годишнината од почетокот на руската инвазија на Украина.

Извор од германското Министерство за финансии, сепак, ги омаловажи очекувањата дека тие ќе бидат усвоени на оваа средба.

САД, ЕУ и нивните сојузници воведоа драстични санкции кон Русија од почетокот на нејзината инвазија на Украина, што влијае на највисоките нивоа на руската држава, индустријата, банките и нафтениот сектор.

Loading...

Состанокот на Г7 (Канада, САД, Јапонија, Франција, Германија, Италија, Велика Британија) се одржува во пресрет на собирот на министрите за финансии и претставниците на централните банки на Г-20, закажан за петок и сабота, на кој ќе се разговара за мерките за да се соочат со економските последици од војната во Украина и за можното олеснување на долгот за најсиромашните земји.

Секој разговор за Украина е чувствителен за Индија, земјата домаќин на самитот на Г-20, која не ја осуди руската инвазија.

Русија не потврди дали ќе испрати свој претставник на состанокот на министрите за финансии на Г-20.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров следната недела треба да учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20 во Њу Делхи, на кој ќе присуствува и неговиот американски колега Ентони Блинкен.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.