Нов Зеланд го суспендира финансирањето на агенцијата на ОН за палестинските бегалци

Сподели со своите пријатели

Нов Зеланд денеска им се приклучи на земјите кои го суспендираа финансирањето на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA), по израелските обвинувања дека некои нејзини вработени учествувале во нападите на Хамас на 7 октомври.

Loading...

Премиерот Кристофер Луксон рече дека суспензијата на финансирањето ќе трае додека се истражат наводите, објави Франс прес.

УНРВА отпушти неколку вработени и вети темелна истрага за таквите тврдења.

Израел вети дека ќе ја запре работата на агенцијата во Газа по војната.

САД, Австралија, Велика Британија, Јапонија и Германија се меѓу земјите кои веќе го суспендираа финансирањето на UNWRA, која е во центарот на хуманитарните напори во Газа.

Европската унија во понеделникот побара итна ревизија на агенцијата и исто така размислува за суспендирање на финансирањето.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска ќе се сретне со клучните донатори на УНРВА во Њујорк, објави неговиот портпарол по раскинувањето на договорот со 12 вработени во таа агенција.

„Генералниот секретар е лично згрозен од наводите против персоналот на УНРВА“, изјави во понеделникот портпаролот Стефан Дизарик.

Loading...

Портпаролот додаде дека пораката на Гутереш до донаторите, особено оние кои го прекинале давањето, е барем да гарантираат продолжување на работата на агенцијата, бидејќи има десетици илјади посветени вработени кои работат низ целиот регион.

Гутереш во понеделникот веќе се состана со американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд и е во контакт со раководството на УНРВА, донаторите на агенцијата и регионалните лидери, кралот Абдула Втори од Јордан и претседателот Абдел Фатах ел-Сиси од Египет.

УНРВА соопшти дека брзо реагирала на обвинувањата, но предупреди дека суспендирањето на финансирањето ќе влијае на обичните Палестинци кои веќе се во тешка состојба.