На Нетанјаху му е вграден пејсмејкер по срцева аритмија

Сподели со своите пријатели

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е во „одлична здравствена состојба“ откако му е поставен пејсмејкер во болница и дека планира навреме да биде во парламентот за гласање за ратификација на клучните реформи во судството.

Loading...

„Ние правиме напори да го финализираме законот, како и напори да се постигне консензус, но во секој случај сакам да знаете дека утре наутро ќе им се придружам на моите колеги во Кнесетот“, рече тој во видео изјава, пренесе Ројтерс.

Да потсетиме, на Нетанјаху утринава му бил вграден пејсмејкер откако доживеал срцева аритмија и бил под опсервација на кардиолошкиот оддел во болницата во областа Тел Авив, соопштија неговите лекари.

Докторот кој раководи со центарот за аритмија во Медицинскиот центар Шеба рече дека процедурата поминала без никакви компликации, дека Нетанјаху се чувствува одлично и се враќа на својата секојдневна рутина, објави Ројтерс.

Нетанјаху итно бил префрлен во болница во текот на ноќта за да се инсталира пејсмејкер, пренесе АП.

Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека премиерот ќе биде ставен под анестезија за време на операцијата и ќе биде заменет од министерот за правда Јарив Левин додека тој е подложен на процедурата.

Тоа уследи по бурниот ден на некои од најголемите протести досега против планот за судски реформи на Нетанјаху.

Стотици илјади луѓе излегоа на улиците низ Израел во саботата вечерта, додека илјадници влегоа во Ерусалим и кампуваат во близина на Кнесетот пред гласањето што се очекува во понеделник, со кое се очекува да се одобри клучниот дел од судската реформа што ги ограничува овластувањата на Врховниот суд да ги поништи владините и парламентарните одлуки што ги смета за неразумни и штетни.

Loading...

Повеќе од 100 пензионирани началници за безбедност го поддржаа се поголемиот број воени резервисти кои велат дека ќе престанат да се јавуваат на должност доколку контроверзниот закон биде усвоен.

Нетанјаху во јануари, неколку дена по преземањето на функцијата, најави план за реформи во судството, а оттогаш во Израел почнаа масовни протести против овој план.

Нетанјаху тврди дека реформата е потребна за да се ограничат, како што вели, прекумерните овластувања на неизбраните судии, а критичарите велат дека тоа ќе го отвори патот за авторитарно владеење.